Постои ризик да се затрујат сè повеќе области на науката, така што ниту еден угледен научник нема да влезе во нив бидејќи се преплавени со смет, велат научниците, додавајќи дека вештачката интелигенција ќе ја влоши состојбата. Споредбите покажале дека во областа на РНК-молекулите најмногу сомнителни трудови има во делот за нивната улога кај ракот. Истражување утврдило дека бројот на сомнителни трудови се удвојува на секоја една и пол година
Со години, свиркачи предупредуваат дека во научната литература сè повеќе се вметнуваат лажни резултати. Нова статистичка анализа ги потврдува овие загрижености. Тим истражувачи пронашол докази за сомнителни организации кои објавуваат лажни или лоши студии на индустриско ниво. А нивното производство брзо расте, загрозувајќи го интегритетот на многу области.
– Ако овие трендови не се запрат, науката ќе биде уништена“, рече Луис А. Нунес Амарал, аналитичар на Универзитетот „Нортвестерн“ и автор на студијата, која беше објавена во Зборникот на трудови на Националната академија на науките, објави „Њујорк тајмс“, пренесе РТС.
Науката постигна огромен напредок во изминатите неколку века само затоа што новите генерации научници беа во можност да читаат за достигнувањата на претходните. Секогаш кога ќе се објави нов труд, другите научници можат да ги истражуваат наодите и да размислат како да дојдат до свои откритија.
– Науката се потпира на доверба во она што го направиле другите, така што не мора сè да повторувате, додава д-р Амарал.
До 2000-тите, уредниците на списанија и организациите за надзор предупредуваа дека оваа доверба е загрозена. Тие забележаа зголемен број трудови со лажни податоци и фалсификувани резултати. Во годините што следуваа, факторите што доведоа до ова зголемување се интензивираа. Како што сè повеќе постдипломски студенти се обучуваа во лаборатории, конкуренцијата за ограничениот број истражувачки работни места стануваше пожестока. Трудовите со висок профил станаа неопходни за успех, не само за да се добие работа туку и за да се добијат унапредувања и грантови, наведе „Њујор тајмс“. Академските издавачи одговорија на побарувачката со лансирање илјадници нови научни списанија секоја година.
Организациите познати како „фабрики на трудови“ сега ја претвораат научната измама во профитабилен бизнис. Научниците кои сакаат да ги пополнат своите биографии можат да платат од стотици до илјадници долари за да бидат именувани како автори на трудови со кои немале никаква врска, според Ана Абалкина, социолог на Слободниот универзитет во Берлин, која ги проучува „фабриките за трудови“. За да се обезбеди објавување, „фабриките за трудови“ понекогаш нудат мито на корумпирани уредници, според истрагата на Центарот за научен интегритет. Д-р Абалкина забележува дека ваквите трудови често се преполни со измами – од фалсификувани слики до плагиран текст. За да ги избегнат детекторите за плагијат, „фабриките за трудови“ често користат вештачка интелигенција за да го сменат текстот што го земаат од други трудови, понекогаш воведувајќи бизарни фрази како „лажен потенцијал“ наместо „лажно позитивен“.
За својата анализа научниците создадоа база на податоци од повеќе од милион научни трудови. Составиле список од 30.000 трудови кои или биле повлечени или покажувале знаци дека потекнуваат од „фабрика на трудови“.
– Постојат огромни мрежи кои се многу густо поврзани, каде сите своите трудови ги испраќаат еден на друг. Ако тоа не е дослух, не знам што е, рече д-р Ричардсон, објаснувајќи дека „фабриките за трудови“ создаваат банки од слики што ги користат за да создадат цели серии трудови, кои потоа ги продаваат на одредени корумпирани уредници.
За да процени колку трудови од такви „фабрики“ сè уште не се откриени, тимот на д-р Амарал создаде статистички модел кој точно ја предвиде брзината со која се појавуваат. Проценуваат дека бројот на сомнителни трудови би можел да биде 100 пати поголем од оној што го утврдиле. Според научниците, бројот на сомнителни трудови се удвојува на секоја една и пол година, за разлика од другите трудови, чиј број се удвојува на 15 години. Споредбите покажале дека во областа на РНК-молекулите најмногу сомнителни трудови има во делот за нивната улога кај ракот.
– Постои ризик да се затрујат сè повеќе области на науката, така што ниту еден угледен научник нема да влезе во нив бидејќи се преплавени со смет, вели д-р Амарал, додавајќи дека вештачката интелигенција ќе ја влоши состојбата.