Сè повеќе кучиња што се пронајдени на улица се со активен микрочип, односно имаат идентификувани сопственици, но се напуштени од нив. На овој загрижувачки тренд укажуваат од јавното претпријатие „Лајка“. Притоа наведуваат дека и покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите кучиња, оставајќи ги во ЈП „Лајка“ и создавајќи дополнителен притисок врз неговите капацитети.
Од претпријатието информираат дека само девет од кучињата заловени во последниов период имаат сопственик што свесно и несоодветно ги напуштил.
– Секое од овие кучиња е потенцијален производител на нови легла на улица, што води до зголемување на бројот на напуштени миленици, нови генерации што ќе страдаат и уште поголеми проблеми за заедницата – објаснуваат од „Лајка“.
Оттаму нагласуваат дека напуштањето кучиња претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но велат дека не постојат предвидени прекршочни мерки за ваквите случаи, кои би ги санкционирале сопствениците што свесно ги напуштаат своите миленици.
– Токму затоа кучињата со микрочип што се оставени да талкаат завршуваат кај нас, и тоа е системски проблем што мора да се решава. И покрај недостигот на законски механизми, мора да постои минимум етичка обврска кај секој сопственик. Ако сте ја презеле одговорноста да чувате куче, оставате трага: микрочип, име, адреса. Но оставате и обврска. Доколку повеќе не може да се грижите, должни сте да најдете соодветно решение: да контактирате прифатилиште, да побарате помош, да најдете нов дом, но никогаш да не го оставате миленикот на улица – предупредуваат од „Лајка“.
Надлежните од претпријатието велат дека ќе продолжат да постапуваат во рамките на своите надлежности, но потенцираат дека оставањето миленици со микрочип на улица покажува дека е неопходно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.
– Напуштањето не е опција. Секој микрочип носи одговорност: за кучето, за заедницата, за сите нас – заклучуваат од „Лајка“.












