Се поставува нов паркет на теренот во салата „Работнички“, со површина од 700 квадратни метри, кој одговара на ФИБА-стандардите за натпревари од прво ниво, а се монтираат и семафорите. Со тоа завршуваат градежните активности за реконструкција на салата.
Како што информираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој изврши увид во градежните работи заедно со ветераните на „Работнички“, Митко Луковски и Огњан Герасимовски, се очекува целосното поставување на паркетот да заврши во текот на следната недела.
– Пред самиот крај сме, завршуваме еден голем процес и во исто време отвораме ново поглавје за нашиот „Работнички“. Го остваривме тоа што го замисливме, па дури и повеќе, добивме сала по ФИБА- стандарди – изјави Герасимовски.
Од Општина Центар информираат дека објектот е целосно енергетски ефикасен.
– Поставено е подно греење, со што се овозможуваат значителни заштеди на енергија, а инсталиран е и современ систем за ладење, греење и проветрување. Фасадата е, исто така, енергетски ефикасна, со што се обезбедуваат долготрајност и економичност во користењето. Трибините се целосно завршени, а во тек е поставувањето заштитни огради, согласно со противпожарните стандарди. Амбиентот во салата е во боите на КК „Работнички“, со црвени столчиња и бело-црвени ѕидови – наведуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека дополнително, во наредната фаза ќе заврши инсталирањето на семафорите и дека е целосно завршено со озвучувањето и со осветлувањето.
– На приземјето се обезбедени вкупно шест соблекувални за екипите и за судиите, како и простории за медицинска интервенција и за допинг-контрола. Поставени се тоалети за посетителите, вклучително и инклузивни, со пристапна рампа, а во административниот дел се предвидени простории за конференции и состаноци.
Бројот, големината и намената на дополнителните простории се реализирани во координација со Македонскиот олимписки комитет, Кошаркарската федерација на Македонија и со другите спортски федерации, со цел салата да ги задоволува сите стандарди за меѓународни натпревари и да придонесе за унапредување на спортот во Центар и во Скопје – објаснија од Општина Центар.
Во обиколката беа и ветераните на „Работнички“, Митко Луковски и Огњан Герасимовски, кои го поздравија напредокот и дадоа поддршка за овој значаен проект.












