Во тек се работни активности за поставување нова опрема во пумпната станица „Метропол“. Во рамките на проектот се врши целосна замена на двете вертикални турбински пумпи, кои датираат од 1988 година.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, информира дека се поставуваат нови поекономични и автоматизирани пумпни агрегати, со цел обезбедување непрекинато водоснабдување на градот Охрид и на околните населени места.
– Исто така, проектот предвидува и целосна промена на постојното напојување на пумпните агрегати со ново електрично напојување, како и целосна замена на електричната инсталација. Предвидени се и градежни зафати за санација на подните, ѕидните и на таванските површини, заедно со замена на столаријата во просторијата на пумпната станица – истакна Пецаков.
Тој додаде дека со реализацијата на овој проект, ќе се намалат трошоците за електрична енергија на ЈП „Водовод“, кои претставуваат најголем финансиски товар на претпријатието, особено во последните три години по започнувањето на енергетската криза.
Вредноста на проектот изнесува околу 38 милиони денари, а средствата ги обезбеди Општина Охрид, преку првиот јавен повик за финансирање проекти од Министерството за локална самоуправа.












