Во организација на Доброволното Противпожарно Друштво “Струмица”, во соработка со општина Струмица, Црвен Крст од Струмица заедно со дечињата од средните училишта од општина Струмица, во тек е организирана акција за пошумување на ридовите над Струмица, поточно кај месноста Чам Чифлик.

– Ова се белите дробови на градот. Пред одредени години овде имаше голем пожар и за жал имаше жртви. Да засадиме дрвја и да ја вратиме шумата со што ќе придонесеме кон почиста и позелена иднина – истакна заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.

И не се засадуваат само ридовите над Струмица, туку деновиве почна изградбата на нов парк во градот кој е со големина од 27.515 квадратни метри.

– Наша обврска е да го уредиме просторот околу паркот со соодветна патна инфраструктура, асфалтен пат, тротоарски пешачки зони за да можата нашите сограѓани да имаат подобар пристап до овој дел на градот и нормално јавното претпријатие „Комуналец“ да го уреди просторот околу паркот. Овде не застануваме. Во периодот којшто следува ќе имаме и други активности за уредување на јавни површини, озеленување и нивно одржување како во градот така и во населените места – изјави градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.

ИЗДВОЕНИ