Лека-полека, се пробиваат тунелите (вкупно 15) што треба да се изградат на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка, од пругата кон Бугарија. Директорот на „МЖ Инфраструктура“, Синиша Ивановски, на својот фејсбук-профил објави видео од пробивањето на 14. тунел.
– Добро е кога ќе се појави светло на крајот од тунелот. Вчераутро го пробивме претпоследниот од вкупно 15. тунели на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка. Ова е вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија. Градбата на оваа траса изобилува со предизвици, а еден од поголемите се пробивањето и градбата на тунелите. Прогресот на градбата на целиот проект не е на посакуваното ниво, но би го пофалил изведувачот за неговиот успех во градбата на тунелите. Верувам дека и во другите сегменти од градбата многу скоро ќе почнат да бележат успех – напиша Ивановски.
Првата делница, од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, беше завршена во јануари годинава и чинеше 78 милиони евра. Ова е втората делница од изградбата на пругата на која изведувачот, турски „Ѓулермак“, врши градежни активности. Изведувачот на оваа делница побара да се урнат столбовите што стојат повеќе од 25 години, а претставуваат 50 % од проектот за оваа делница.
Конструкторскиот проблем со столбовите на мостовите потоа беше надминат по препорака од експерти од Градежниот факултет. Проблемот произлезе како последица на разликите помеѓу стандардите по кои се проектирани и изградени столбовите и темелите (МКС (македонски стандард) и европските стандарди за проектирање конструкции (еврокодови), кои се во важност во земјите членки на Европската Унија од 2010 година и кои се облигаторни за новите објекти на европските коридори. Столбовите подолг период се изложени на надворешни влијанија, без никаков мониторинг и заштита и мораа да се санираат. Договорот е во вредност од 155 милиони евра, но министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, неодамна изјави дека ќе изнесува од 190 до 195 милиони евра.
Останува да се градат и третата делница од Крива Паланка до границата и прекуграничниот тунел заедно со Бугарија. На оваа делница со должина од 23,4 километри се планирани 22 тунели (вклучително и меѓуграничниот) и 52 моста, што претставува огромен инженерски предизвик и за многу поголеми и помоќни држави од нашата, поради големата висинска разлика помеѓу нејзината почетна и крајна точка. Николоски деновиве најави дека наскоро ќе биде објавен тендер за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија, чија изградба ќе ги надмине првично планираните 340 милиони евра и ќе биде зголемена на 560 милиони евра.
– За третата делница е објавена информација на европскиот сајт за тендерски процедури, каде што очекуваме да се пријават што повеќе заинтересирани компании. Така што, тоа е нешто што е добро. И очекуваме во текот на декември или најдоцна во текот на јануари веќе да имаме објавен тендер и за надзор и за изведба, односно за работа – вели Николоски.
Тој очекува дека изградбата на меѓуграничниот железнички тунел со Бугарија ќе почне во 2031 година, ако и Бугарија работи со динамиката што му ја ветил бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов.
(С. Бл.)












