Се појави снимка од телефонски разговор: Виткоф го советува Ушаков како да му се додвори на Трамп и кога да го организира разговорот со Путин

0

Во телефонски разговор со Ушаков на 14 октомври, според транскриптот на „Блумберг“, Виткоф рекол дека за мировен договор е потребно Русија да ја преземе контролата на Доњецк и го советувал Ушаков да му честита на Трамп и да ги насочи разговорите пооптимистички. Трамп вчера изјави дека американските преговарачи постигнуваат напредок во разговорите со Русија и со Украина и дека Москва се согласила за некои отстапки, без да даде детали   

 

Вистинска бура во јавноста предизвика снимка до која дошол „Блумберг“ на која специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, му вели на Јуриј Ушаков, главниот помошник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин, дека постигнувањето мир во Украина ќе бара од Русија да ја преземе контролата врз Доњецк и потенцијално да се изврши посебна размена на територии.

Во телефонскиот разговор со Ушаков на 14 октомври, според транскриптот на „Блумберг“, Виткоф рекол дека верува оти концесиите за земјиште се неопходни, а во исто време го советувал Ушаков да му честита на Трамп и да ги насочи разговорите пооптимистички.

– Сега знам што е потребно за да се постигне мировен договор: Доњецк и, можеби, размена на територии некаде – рекол Виткоф во петминутниот разговор, „но, велам, наместо да зборуваме така, ајде да зборуваме повеќе со надеж бидејќи мислам дека ќе постигнеме договор тука“, продолжил тој.

„Блумберг“ објави дека Виткоф, исто така, го советувал Ушаков како да се организира евентуален телефонски разговор меѓу Трамп и Путин пред посетата на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на Белата куќа следната недела и како да се искористи неодамнешниот договор за Газа како „појдовна точка“.

– Зеленски доаѓа во Белата куќа в петок. Ќе одам на тој состанок затоа што сакаат да бидам таму, но мислам дека би било добро ако, доколку е можно, го имаме тој разговор со вашиот шеф пред тој петок – рекол Виткоф според транскриптот од разговорот.

„Блумберг“ наведува дека разговорот траел околу пет минути и дека Виткоф постојано го опишувал Ушаков како „човек на мирот“ кому може да му се пристапи со „соодветна подготовка за разговорот“.

На барање да ја коментира оваа ситуација, американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека не ја слушнал снимката, но дека не е изненаден, зашто „тоа е сосема стандардна форма на преговори… претпоставувам дека истото ѝ го кажува на Украина“. Ушаков, пак, реагираше дека протекувањето на телефонскиот разговор е обид за нарушување на напорите за постигнување мир во Украина.

Се чини дека оваа снимка го открива потеклото на контроверзниот мировен предлог на Трамп од 28 точки, кој подоцна, во преговори со претставниците на Украина, е ревидиран и сведен на 19 точки. Разговорот излезе на виделина откако изјави Трамп во вторникот дека го испраќа Виткоф на состанок со Путин во Москва, а секретарот на американската армија, Ден Дрискол, на средба со Украинците, пред тој да се сретне со Зеленски во Белата куќа.

Трамп, исто така, денеска ече дека во моментов се чини дека Русија има предност во војната и дека би било „во најдобар интерес на Украина“ да се постигне договор. Според него, Москва, во секој случај, би можела да освои дел од украинската територија „во следните неколку месеци“. На новинарите тој им изјави и дека американските преговарачи постигнуваат напредок во разговорите со Русија и со Украина и дека Москва се согласила за некои отстапки, без да даде детали. Како што пренесе Си-ен-ен, Трамп рекол дека ќе се сретне со Путин и со Зеленски кога ќе се усогласи мировниот договор.

ИЗДВОЕНИ