понеделник, февруари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се појави на граничниот премин „Блаце“: Приведен Артан Груби

Се појави на граничниот премин „Блаце“: Приведен Артан Груби

917

Уапсен е од страна на полицијата, откако утринава се појавил на граничниот премин „Блаце“, поранешниот вицепремиер Артан Груби осомничен за неколку кривични дела. МВР соопшти дека Груби е приведен и предаден на натмошно постапување.

-Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин ‘Блаце’, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од Кривичниот законик – соопштија од МВР.

Груби е осомничен за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати. Според Обвинителството, предметот опфаќа одлуки и договори за кои постои сомнеж дека ѝ нанеле значителна финансиска штета на институцијата, проценета на околу 500 милиони денари, односно над осум милиони евра.

Обвинителството побара притвор за Груби и за Бајрами поради тоа што oд прибраните докази произлегувало основано сомнение дека двајцата соизвршители учествувале во дејствија со кои е направена штета на „Државна лотарија“ со намера да прибават противправна имотна корист за друг.

Груби е поранешен прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците од редовите на ДУИ. Во декември 2024 година беше ставен на т.н. „црна листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција.

Тој ја напушти земјава пред повеќе од година дена и оттогаш не се знаеше каде престојува. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ