Се подготвува вистински земјотрес во НБА-лигата. Екипата на Голден стејт, која освои четири шампионски титули во ерата на Стеф Кари, се подготвува за сериозен „лов“ на српскиот ас Никола Јокиќ, како и на Гркот Јанис Адетокумбо.
„Воините“ планираат да ослободат голем дел од својот платен лимит до летото 2027 година за да бидат подготвени да реагираат доколку одлучат Никола Јокиќ и Јанис Адетокумбо да ги напуштат своите франшизи, открива почитуваниот НБА-извор, Сем Емик.
Јокиќ и Адетокумбо ќе имаат опции да се откажат од договорите и да ја променат својата средина во летото 2027 година, па Голден стејт ќе се обиде да ја искористи ситуацијата. Доколку пропаднат преговорите со Денвер или со Милвоки, „воините“ ќе бидат подготвени да нападнат.
Клубот од Сан Франциско верува дека барем една од двете суперѕвезди нема да најде заеднички јазик со својот сегашен клуб и ќе сака нов предизвик.
Интересно е што ситуацијата околу Јокиќ внимателно ја следат и тимовите од Лос Анџелес – Лејкерс и Клиперс, кои сè уште не направиле ништо конкретно кога станува збор за „чистењето“ на буџетот, па затоа Голден стејт моментално е во предност.
- Тие сакаат да отворат што е можно повеќе простор за маневрирање за летото 2027 година. Во овој момент, за сезоната 2027/2028, тие имаат потпишано само со Муџи за 13,4 милиони и со Хилд за 10 милиони, при што вториот има право да се откаже од договорот. „Воините“, кои се свесни за фактот дека Адетокумбо и Јокиќ имаат право да се откажат од договорите во летото 2027 година, нема да бидат единствените подготвени да реагираат во случај еден од нив да не го продолжи договорот. Лејкерс и Клиперс се меѓу организациите што испратија слични сигнали во последните месеци – напиша Емик.
Јокиќ има уште две „задолжителни“ сезони од договорот со Нагетс, во кои ќе заработи 55,2 и 59,1 милиони долари. Тој има можност да се откаже од договорот и да го смени тимот во летото 2027 година, но не мора да го стори тоа, бидејќи треба да заработи 62,8 милиони долари во последната сезона од договорот. Исходот во голема мера ќе зависи од тоа колку ќе бидат успешни Денвер и Милвоки во наредните сезони, бидејќи секоја стагнација би можела да ја отвори излезната врата за двајцата играчи, кои имаат вкупно пет награди за најкорисен играч и две шампионски титули во НБА.