Коалицијата „Вреди“, извесно, се подготвува за голема битка за освојување на градоначалничката функција на Гостивар на претстојните повторни локални избори закажани за 11 јануари. Ова коалиција, која е дел од владиното мнозинство, го кандидираше Невзат Бејта, кој во минатото двапати беше гостиварски градоначалник. Со тоа, „Вреди“ реши да го замени претходниот градоначалнички кандидат, Сабаедин Даути, кој на гласањето на 19 октомври убедливо загуби од противкандидати од редовите на коалицијата НАИ, предводена од ДУИ и Ваљбон Лимани.
Познато е, во првиот круг на гласањето, Лимани оствари голема предност освојувајќи 16.949 гласови наспроти 4.221 глас, колку што беше заокружено на гласачките ливчиња за Даути. Но, тогаш, првиот круг на гласањето пропадна бидејќи не се оствари потребниот цензус од излезноста од една третина од запишаните избирачи. Поради тоа, собранискиот претседател, Африм Гаши, донесе одлука со која градоначалничките избори во Гостивар, како и во Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше да се повторат на 11 јануари за да бидат избрани новите градоначалници.
Коалицијата „Вреди“ неодамна реши во сите општини каде што имаше свои кандидати во првиот круг на изборите, сега да излезе со нови личности. Изборот во Гостивар падна на Невзат Бејта, кој е добро познат меѓу жителите на Гостивар, а е поранешен висок функционер на ДУИ. Освен што двапати беше градоначалник – 2005 – 2009 и 2013 – 2017 година – тој бил и пратеник од редовите на ДУИ, потпретседател на партијата и министер за локална самоуправа. На локалните избори во 2021 година повторно беше кандидат на ДУИ, кога негов противкандидат беше Арбен Таравари, кој тогаш стана градоначалник.
Бејта на својот профил на „Фејсбук“ објави дека одлуката да се кандидира ја донел по консултациите со лидерите на „Вреди“.
– Почитувани граѓани на Гостивар, со Божја волја, со довербата на граѓаните, согласно со резултатите од анкетите и по консултациите со лидерите на „Вреди“, беше одлучено кандидат за овие избори во Гостивар да бидам јас – објави Бејта кој вчера и официјално ја поднесе кандидатурата.
Противкандидатот Ваљбон Лимани веќе ја поднесе кандидатура, по што изјави дека е уверен во својата победа и дека неговата кампања ќе се фокусира на директни средби со граѓаните. Во првиот круг, нему му недостигаа 23 гласа за победа. Во Гостивар, инаку, има 82.893 запишани избирачи, а на пропаднатиот прв изборен круг гласаа само 27.609 гласачи.
Од друга страна, во останати три општини до затворање на весникот немаше најави за повеќе кандидатури, но, можност да се достават имаше до полноќ, кога истекува рокот. Демократската Партија на Турците на Македонија (ДПТМ) соопшти дека официјално ја поднела кандидатурата на Аријан Ибраим, за градоначалник на Општина Центар Жупа.
– Уверени сме дека и на овие избори ќе продолжиме по истиот пат, со истата одлучност и посветеност – стои во соопштението.
Ибраим, кој беше поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во првиот круг на гласањето во Центар Жупа освои 950 гласови, а неговите противкандидати Инает Баки од Партијата за движење на Турците и Алил Емрула од Движење за национално единство на Турците освоија 386, односно 227 гласа.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник, на 11 јануари ќе биде избран оној кандидат што добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, при што нема да важи правилото за излезност од една третина на запишаните избирачи. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови согласно со членот 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето и ќе биде избран оној кандидат што добил поголем број гласови. (Б. Ѓ.)












