Еден од најтрофејните македонски тренери, Перо Стамески, замина во пензија. Тој зад себе има импресивна тридецениска тренерска кариера во која освои многу трофеи, како девет шампионски титули, шест куп-трофеи и бројни успеси во младинските категории.
Последниот ангажман го имаше во женскиот кошаркарски клуб Бадел 1862, со кој освои бројни трофеи и признанија, а по тој повод се огласија и од тимот.
- По 36 години несебична посветеност, пожртвуваност и искрена љубов кон кошарката, со голема почит и емоции соопштуваме дека тренерот Перо Стамески – човекот кој не само што ја испиша историјата на нашиот клуб туку и ја обликуваше иднината на многу генерации кошаркарки, заминува во пензија. Во текот на својата славна кариера, Перо Стамески освои вкупно 9 шампионски титули со сениорскиот тим, 6 титули во националниот куп, како и бројни трофеи во младинските категории, покажувајќи дека вистинскиот успех не се мери само со резултати, туку и со трајното влијание што го оставаш зад себе. Од името на целиот клуб, сегашните и поранешните кошаркарки, тренерскиот тим и управата – благодариме за секоја минута помината на паркетот, за секоја победа, секој совет, секоја подадена рака и секоја тешка одлука што нè водеше кон успех. Ова не е збогум, туку до видување. Ќе останете дел од оваа кошаркарска фамилија засекогаш, со местото што ви припаѓа – во срцето на ЖКК Бадел 1862 и историјата на македонската кошарка. Благодариме Тренеру!, напишаа од клубот на социјалните мрежи.
На негово место доаѓа неговиот асистент Дарко Димитријевиќ, тренер со преку три децении професионално искуство во спортот.
- Ни претставува огромна чест и задоволство да го претставиме новиот главен тренер на сениорскиот тим на ЖКК Бадел. Познат по својата методичност, аналитичност и способност да препознае веруваме дека своето огромно познавање на кошарката успешно ќе го префрли на нашите баделки и ќе го извлече нивниот максимум во новата 2025/26 сезона. Му посакуваме успешна сезона и соработка на тренерот Дарко, соопштија од ЖКК Бадел.