Треба да се направи новиот состав на членови на Регулаторната комисија за енергетика, откако ова регулаторно тело остана без претседател по оставката на Марко Бислимоски. Во меѓувреме, Собранието преку објавен оглас бара пополнување на уште една позиција во Комисијата, бидејќи на заменик-претседателот Лирим Сулејмани му истекува мандатот во мај.
Во јавноста веќе се шпекулира со неколку имиња, а како можен најсериозен кандидат за член на РКЕ се споменува Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2021 до 2025 година.
Дополнителен интерес предизвика информацијата дека Ристов неодамна ја отстапил својата компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали на нов сопственик. Од минатата недела, како сопственик, управител и директор на производната хала – подружница на Алфа Инжинеринг ДООЕЛ Скопје – е заведена сметководителката од Радовиш, Ѕвезда Андонова.
Овој потег во јавноста се толкува како можен сигнал дека Ристов се подготвува за влез во регулаторното тело, со оглед на тоа што членството во РКЕ подразбира избегнување на потенцијален судир на интереси со приватни бизниси во енергетскиот сектор.
Новите членови на РКЕ треба да бидат предложени до Собранието, кое ќе треба да ги изгласа. Оставката на Бислимоски во јавноста беше протолкувана како резултат на политички притисок, откако претходно доби пријава од Управа за финансиска полиција за наводно ненавремено одземање лиценца на фирма за складирање нафтени деривати.
Во услови кога енергетскиот сектор се соочува со сериозни предизвици, изборот на нови членови на Регулаторната комисија ќе има значајно влијание врз идната енергетска политика и довербата во институциите.
(С. Бл.)












