Се отстрануваат опожарените бараки кај салата „Партизан“

28

Во Општина Центар, во тек е акција за целосно отстранување на опожарените бараки во кои беше сместен поранешниот Суд за прекршоци, кај салата „Партизан“ во Градскиот парк.

– Во рамките на акцијата се отстрануваат темелните бетонски плочи и армираните конструкции врз кои беа поставени бараките, како и отпадот што се таложел со години на локацијата – соопштија од Општината. 

Градоначалникот на Општина  Центар, Горан Герасимовски, истакна дека овој простор, кој е претворен во мини депонија, претставува потенцијална опасност за здравјето и за безбедноста на жителите.

– Напуштените бараки, во кои се собираа бездомници, неколку пати беа опожарени. Наша цел е да ја исчистиме локацијата, да ја уредиме и повторно да ја ставиме во функција на граѓаните – изјави Герасимовски.

Станува збор за површина од околу 1.000 квадратни метри, во државна сопственост, која со децении е нефункционална и запуштена.

– Според важечкиот ДУП и новиот ДУП што е во изработка, на предметната локација е предвидена класа на намена В1 – образование и наука, односно основно училиште – информираат од Општината.

ИЗДВОЕНИ