Директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, истакна дека се работи за фазен процес кој ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата, како и соодветна илуминација. Овој објект бил пуштен во употреба во далечната 1981 година. Во својот полн сјај и збогатен со нови содржини ќе биде пуштен за пет до шест години

Во насока на ослободување на просторот и оригиналниот изглед на Железничката станица, од „Македонски железници – Инфраструктура“ започнаа со отстранување на сите билборди, светлосни реклами и останати информативни реклами кои со години и со декади наназад го нарушуваат автентичниот изглед на станицата.
Директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, истакна дека се работи за фазен процес кој ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата, како и соодветна илуминација.
– Благодарност до одговорните компании кои ја сфатија важноста на овој процес и се согласија за отстранување на нивните билборди – се огласи Ивановски на „Фејсбук“.
При најавата на реконструкцијата на скопската Железничка станица, на средината на октомври годинава, Ивановски нагласи дека ако се заврши со проектот за една година, потоа финансирањето ќе биде или со државниот Буџет, или со заем од класичните заемодаватели, но не е исклучена можноста да влезе во стратешката партнерство со Велика Британија.
Овој објект бил пуштен во употреба во далечната 1981 година. Во својот полн сјај и збогатен со нови содржини ќе биде пуштен за пет до шест години, кога се планира да се стави во употреба кракот од пругата од Скопје до Скопскиот аеродром, како и брзата пруга од Табановце до Гевгелија на Коридорот 10.
Нарачател на проектот за реконструкција на Железничката станица е ЈП „Македонски Железници – Инфраструктура“ во соработка со Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет. Ќе се менуваат инсталациите, греењето, ладењето. Сè што е доградено и е надвор од првичниот проект ќе биде отстрането.












