Сведокот Петар Марковски го опиша стампедото и чадот предизвикани од пожарот во „Пулс“, плафонот од сунѓер се запалил од прскалките, а тој се нашол онесвестен под тројца. Судењето за трагичниот 16 март во Кочани, продолжи со сведочење на преживеани. Пред да почне судењето, одбраната побара ЈО да ја преиспита основаноста за гонење на дел од обвинетите, повикувајќи се на запирање на истрага против седум полицајци. Судот нагласи дека постапката не може да запре додека нема официјален став од Обвинителството.
На вчерашното судење за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој на 16 март лани загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, сведокот Петар Марковски (25) опиша сцени од кобната вечер кои уште еднаш ја потенцираа несоодветната безбедност во објектот.
Марковски рече дека вечерта бил со десетина другари на концерт на музичката група „ДНК“. Билетите ги купиле од обвинетиот Тодор Јованов, брат на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, и никогаш не им биле издавани фискални сметки. На влезот имало обезбедување кое проверувало лични карти и ставале печати на рака кај оние што купиле билети, но на него не му побарале легитимација бидејќи го познавале.
Сведокот посочи дека во објектот постоел излез на задната страна, лево од бината, кој во претходните години бил функционален, но по реновирањето бил покриен од сепареа и вратата не била видлива.
„Се слушна дека тој излез се користел за малолетници во случај на полициска рација, но вечерта никој не влегуваше или излегуваше низ него“, рече Марковски.
Тој сведочеше и за користењето пиротехника во дискотеката. „Најмалку десетина пати кога сум бил во ‘Пулс’, биле користени пиротехнички средства. По реновирањето плафонот беше спуштен и кога се активираа вечерта прскалките, се запали плафонот од сунѓер. Настана стампедо кон вратата. Јас се онесвестив. Кога се освестив, бев под два-тројца луѓе и не можев да станам. Мораше да ги соблечам патиките за да се извлечам“, раскажа тој.
Тој додаде дека густата чад од изгорена пластика и екстремната топлина биле причината за неговото онесвестување. Марковски, кој бил лекуван во Словенија поради изгорени дишни патишта и целосно уништени бели дробови, денес се соочува со трајни последици – намален капацитет на дишење.
Сведокот ја опиша и реакцијата на сопственикот на дискотеката, кој се качил на бината и се обидел да го изгаси огнот со противпожарни апарати. Марковски помогнал и на другите повредени, а потоа останал во болницата до изутрината.
По него на рочиштето сведочеше Дејан Манасијев, кој 13 години работел како шанкер во „Пулс“, од кои 11 бил непријавен, а хонорарите ги добивал на рака, во кеш, што дополнително ја отсликува сериозноста на пропустите во функционирањето на дискотеката.
На почетокот на рочиштето, одбраната на дел од обвинетите побара Јавното обвинителство да ја преиспита основаноста за нивно гонење и да ја сопре постапката. Адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шефкет Хазари од Министерството за економија, се повика на неодамнешната одлука на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција да запре истрага против седум полицајци, посочувајќи дека за дел од обвинетите постојат основи за поистоветување со лицата за кои постапката е запрена.
– Ако за полицајците не може да биде поведена постапка за загрозување на општата безбедност, тогаш Обвинителството треба да каже за кои лица овде обвинетите може да им се стави на товар ова дело. За мене, извесен е исходот со ваквиот став на Обвинителството. Едно судење државата ја чини 150.000 евра, што укажува на неекономичност на судењето – рече Шилегов, додавајќи дека за дел од обвинетите нема правна основа за гонење.
Судијката Дијана Груевска Илиевска потврди дека Судот е запознаен со брифингот, но додаде дека постапката не може да биде запрена сè додека надлежното Јавно обвинителство формално не се изјасни. Јавниот обвинител Борче Јанев истакна дека одлуките на ОЈО ГОКК за запирање на истражните постапки се предмет на оцена од повисоките обвинителства и сè уште не се конечни.
Одбраната на другите обвинети се приклучи на предлогот на Шилегов, нагласувајќи дека треба да се преиспита економичноста и правната основа на постапката, особено со оглед на сериозноста на трагедијата и последиците за жртвите.












