Претседателот на „Ер Индија“, Натараџан Чандрасекаран, денес изјави дека „Боинг 787 Дримлајнер“, кој се урна минатата недела со 242 патници, „имал историја на чист мотор“.
Во интервју за индиската телевизија „Тајмс Нау“, Чандрасекаран рече дека десниот мотор на авионот на летот 171 бил нов и инсталиран во март 2025 година, додека левиот мотор последен пат бил сервисиран во 2023 година, објави „Ројтерс“.
Чандрасекаран им кажа на своите вработени во понеделник дека авионската несреќа од минатата недела, во која загинаа најмалку 271 лице, треба да биде поттик за подобрување на безбедноста на компанијата.
Боинг 787 дримлајнер на „Ер Индија“ со 242 патници на пат кон Лондон почна да ја губи висината неколку секунди по полетувањето од Ахмедабад, Индија.
Сите, освен еден патник од авионот се прогласени за мртви, а околу 30 лица загинале на земја, пренесува Танјуг.