Извештаите во западните и украинските медиуми дека рускиот претседател Владимир Путин го пуштил „низ вода“ рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, се целосно лажни, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Нема ништо во овие извештаи што одговара на реалноста – рече Песков на прес-конференција, пренесува ТАСС. Одговарајќи на прашањето дали Лавров е сè уште на функцијата, Песков рече дека „Лавров работи како министер за надворешни работи“.
„Москва Тајмс“, независен медиум со седиште во Холандија, вчера објави дека Путин го отстранил Лавров од теренот и дека министерот исчезнал од јавноста откако САД ненадејно го откажаа предложениот самит со Русија во Будимпешта, објавува европскиот „Политико“.
Според веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, Лавров последен пат се појавил јавно на 28 октомври, кога учествувал на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, главниот град на Белорусија.










