Автомобилот на претседателот на градската организација на СДСМ за Скопје и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, бил целосно опожарен ноќеска.
Галетановски веста ја објави на социјалните мрежи, каде наведе дека немал никакви расправии или закани од некого.
„Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, ниту сум наштетил. Сум помагал и ќе помагам на кого можам секогаш. Секоја чест на пожарникарите, што пристигнаа за 3 минути, и пламенот не ги зафати куќите. Апелирам до министерот, и до Министерство за внатрешни работи и надлежните најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, поради мирен живот во Скопје,и цела држава. Има и сејф сити и камери окулу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, напиша галетановски на Фејсбук.
По информацијата што ја сподели Галетановски, за настанот се огласи и МВР:
Денеска во СВР Скопје е пријавено дека на улицата „Иван Козаров“ во Скопје опожарено било патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Ѓорѓи Галетановски од Скопје, а од пожарот биле зафатени уште две патнички возила „опел“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Е.К.(30) од Скопје и „форд“ со скопски регистарски ознаки сопственост на А.М.(47) од Скопје. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во соопштението.