Наместо од 13 октомври 2025 година, примената на Законот за решавање банки се бара да се одложи до 30 јуни 2026 година. Во предлог-измената на законот доставена во Собранието од страна на пратеници на владејачката коалиција се појаснуваат причините за пролонгирање на рокот на примена.
– Со Законот за решавање банки се уредуваат правилата, постапката и инструментите за решавање, овластувањата и одговорностите на Народната банка како орган за решавање и овластувањата и одговорностите на други органи и лица во врска со решавањето и основањето, финансирањето, користењето средства и управувањето со Фондот за решавање банки. Овој Закон е усогласен со Директивата 2014/59/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 15 мај 2014 година за воспоставување на рамка за обновување и решавање на кредитни институции и инвестициски фирми. Со членот 90 од Законот за решавање банки е уредено дека ќе започне да се применува во рок од 24 месеци од денот на влегувањето во сила, односно ќе започне да се применува од 13 октомври 2025 година. Од причина што е потребен дополнителен рок за започнување со практична примена на законот, потребно е да се одложи неговата примена, односно да се применува од 30 јуни 2026 година – се нотира во предлог-измената на законот доставена во Собранието.
Овој закон цели кон зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и за апсорбирање на потенцијалните загуби што можат да настанат во деловното работење, чија имплементација дополнително ќе го подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе ја зајакне супервизијата.