Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде предупредување за зголемена временска нестабилност во земјава. До петок Македонија ќе биде под влијание на серија влажни и нестабилни воздушни маси, што ќе донесат променливо облачно време, поројни врнежи од дожд, грмежи и услови за локално невреме. Прогласено е портокалово ниво на опасност (Level 3) за поширокото скопско подрачје, како и за делови од централна и источна Македонија, особено во регионите на Велешко, Кавадаречко, Струмичко и Беровско. Според прогнозите, во овие подрачја се можни краткотрајни, но интензивни временски процеси со пороен дожд за краток временски период, појава на град, силен и локално бурен ветер, интензивни електрични празнења и локално поројно и урбано поплавување.
За другите делови од државата е активирано жолто ниво (Level 2), каде што се очекуваат локални грмежливи процеси и краткотрајни временски непогоди.
Метеорологот Владо Спиридонов информираше дека според најновите NOTHAS моделски прогнози, постои можност за развој на локално интензивни грмежливи облаци во попладневните, вечерните и во ноќните часови. Најголем ризик од невреме се очекува од попладне, па сè до доцна во ноќта. Во Скопје ќе има променливо облачно време со сончеви периоди, но во делови од котлината е можна нестабилност со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер.
До петок се очекува постепено засилување на врнежите, а со продорот на постудена воздушна маса од север, температурите значително ќе опаднат. Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, особено при движење во периодите кога се очекуваат најинтензивните временски процеси.
Во понеделникот вечерта силно невреме проследено со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локални интензивни врнежи ја зафати Македонија, предизвикувајќи проблеми во повеќе населени места. Нестабилната атмосфера донесе краткотрајни, но силни временски процеси, со можност за град во одделни подрачја. Според информациите од надлежните служби, невремето предизвикало локално поплавување на улици, подвозници и на објекти, како и помали материјални штети. Екипите на Дирекцијата за заштита и спасување излегле на терен и интервенирале таму каде што имало потреба, особено за испумпување вода од поплавени простории.
Најголем проблем претставуваа обилните врнежи во краток временски период, кои го оптоварија одводниот систем во некои места. Граѓаните пријавуваа силен ветер, паднати гранки и отежнато движење поради насобрана вода на сообраќајниците.
Метеоролозите претходно предупредија дека Македонија се наоѓа под влијание на нестабилна воздушна маса, со услови за развој на грмежни облаци, пороен дожд, силни налети на ветер и локално невреме со град. На одделни места беа можни врнежи над 15 литри на квадратен метар и ветер со брзина над 60 километри на час. Од службите информираат дека засега нема пријавени човечки жртви или повредени лица, а состојбата постепено се нормализира по интервенциите на екипите на терен. Се повикуваат граѓаните за внимателност при нова нестабилност и навремено пријавување на проблемите преку бројот 112.
И во наредниот период се очекува променливо време со можност за локални поројни дождови, грмежи и засилен ветер, бидејќи летните температури и нестабилната атмосфера создаваат услови за брзо развивање краткотрајно, но силно невреме.











