Основното училиште „Владо Тасевски“ во населбата Козле ќе добие современо спортско игралиште. Во тек се градежните активности за целосна реконструкција на постојното, која ќе опфати вградување нов тампон, асфалт и рабници.
Од Општина Карпош информираат дека игралиштето е со површина од 600 квадратни метри, а изведувач на работите е фирмата ДПГТТУ „Филип инженеринг“ ДООЕЛ. Вредноста на проектот е 1.842.452 денари.
Според општинските власти, во зависност од временските услови, се очекува спортското игралиште да биде пуштено во употреба кон крајот на март или почетокот на април.
– Ова училишно спортско игралиште долги години беше во незавидна состојба и со реконструкцијата, учениците од основното училиште „Владо Тасевски“ ќе може да ги извршуваат своите физички активности на квалитетно надворешно спортско игралиште, но и помладите генерации од населбата Козле ќе добијат современ спортски терен на кој ќе може да спортуваат и да се рекреираат – соопштија од локалната самоуправа.












