Во тек е реконструкцијата на градскиот стадион „Рудар“. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, информираше дека веќе неколку дена градежна екипа работи на објектот.
– Реконструкцијата ги опфаќа трибините и поставувањето на нови пластични столчиња, потоа терен со вештачка трева, детска зона, паркинг-простор и осветлување на градскиот стадион со рефлектори. Со овој проект ќе создадеме модерни услови за младите, место за натпревари, тренинзи, рекреација, но и за дружење и нови спомени. Не градиме само инфраструктура – Градиме иднина за нашите сограѓани, за спортот и за општината во целина – изјави Анастасов.
Тој додаде дека ова место е симбол на спортот, младоста и заедништвото во нашиот град и дека тука се пишувале многу спортски приказни, се радувале многу генерации и затоа нагласи дека е време да му се даде нов живот и да се претвориме во вистински рекреативен спортски центар, кој ќе биде гордост и за идните генерации.
Инвестицијата чини околу 28 милиони денари, а средствата се обезбедени од Општина Пробиштип и од Министерството за спорт.