Шампионот на НБА со тимот на Денвер, Брус Браун, повторно го облече дресот на тимот од Колорадо. По враќањето во клубот каде што ги одигра своите најдобри натпревари во кариерата, тој се присети на моментите кога ја освои Денвер шампионската титула со победа на петтиот натпревар од финалната серија, против тимот на Мајами.

  • Чинот на победата беше целосен делириум. Се сеќавам само како плачев откако ги погодив слободните фрлања во завршницата од натпреварот. Се вратив на теренот и ги видов Де Андре Џордан и Џеф Грин, кои во тоа време имаа 15-16 години искуство во лигата, како плачат. И имаше уште пет, десет секунди. Помислив: „Но, натпреварот не е завршен“. Но, беше. Сè беше магливо, но прекрасно. Парадата беше луда. Никогаш не сум видел толку многу луѓе во Денвер на едно место. Беше неверојатно! Сакам повторно да го доживеам тоа и навистина уживав – порача Браун по кам-бекот во Денвер.

Во текот на големата прослава на титулата, тој имал намера да го опие Србинот Никола Јокиќ, но планот на крајот му се вратил како бумеранг.

  • Сите ја видоа мојата приказна на Инстаграм, каде што пиев чаша по чаша со Никола. Не беше најпаметна идејата. Веројатно, нема да го направам тоа повторно ако пак ја освоиме титулата. Но, беше одлично. Отидовме во Вегас, мислам дека бевме во МГМ,и му реков: „Ќе те опијам вечерва“. Тој не пиеше на вечерата, но ми рече: „Ќе видиме“. Му донесоа ракија и јас реков: „Ајде, ајде, одиме чаша по чаша“. Тој одговори: „Ајде, ајде, одиме“. И не се сеќавам како стигнав до собата. Нашиот лет беше во девет или десет часот изутрината, тој се качи на летот, јас не. Не се разбудив до 11:00 часот – открива искусниот кошаркар.

Браун беше клучен играч во шампионската сезона на Денвер, со просек од 11,5 поени и 3,4 асистенции на натпревар и реши да ја искористи својата шампионска сезона и наместо платата од 6,5 милиони долари што ја заработуваше во тимот од Колорадо, отиде во Индијана за двегодишен договор од 45 милиони долари. Потоа играше за Торонто и за Њу Орлеанс, но никогаш не напредуваше како во Денвер.

Сега тимот одлучи да му даде уште една шанса и неговите шампионски гени би можеле да им бидат корисни на Никола Јокиќ и на неговите соиграчи.

ИЗДВОЕНИ