EPA/Terje Pedersen NORWAY OUT

Јоханс Хесфлот Клебо убедливо ја победи конкуренцијата на трката за крос-контри скијање на 50 километри, освојувајќи го својот шести златен медал на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. Ова е најдобриот индивидуален настап во историјата на Зимските олимписки игри. Дваесет и деветгодишниот Норвежанец стана првиот спортист што освоил шест златни медали на едни Зимски олимписки игри, надминувајќи го подвигот на Американецот во брзо лизгање, Ерик Хајден.

Клебо победи на секоја трка на која се натпреваруваше, повторувајќи го 100-процентниот успех од минатогодишното Светско првенство во својот роден Трондхајм. Ова го зацврсти неговиот статус како најдобар крос-котри скијач во историјата.

Оваа трка беше уште еден доказ за неговата супериорност. Во последниот круг, тој ги надмина сонародниците Емил Иверсен и Мартин Левстрем Њенгет со издржливост и славеше со време од 2 часа, 7 минути и 4 секунди. Норвешкото трио водеше речиси во текот на целата трка, а Њенгет го диктираше темпото, свесен дека не може да се спореди со Клебо во спринтот.

Клебо го направи клучниот напад на пет километри пред целта. Прво се одвои од Иверсен, а потоа, на последното искачување, го престигна Њенгет. Њенгет на крајот го освои среброто, а Иверсен бронзата, обезбедувајќи ги сите три медали за Норвешка.

Со вкупно 11 златни олимписки медали во својата кариера, Клебо е најуспешниот машки спортист во историјата на Зимските олимписки игри. Во целото олимписко движење, само пливачот Мајкл Фелпс е пред него, со 23 златни медали.

Единствената трка на овие Игри во која Норвежанецот се соочи со сериозен предизвик беше трката од 10 километри слободен стил минатата недела, во формат на хронометар, за која самиот Клебо призна дека е ментален предизвик за него.

Но, дури и тогаш неговата сила се покажа кско клучна за победата, бидејќи сонародникот Ејнар Хедегарт попушти во последните километри, што му овозможи на Клебо да освои злато во дисциплина во која претходно не освоил олимписки медал.

Ова беше и 18. злато на Норвешка на Игрите во Милано и Кортина, со кое го подобри сопствениот рекорд за бројот на златни медали на едни Зимски олимписки игри. Клебо самиот освои една третина од тие медали.

Пред трката, Американецот Бен Огден, освојувач на два сребрени медали во спринт дисциплини на овие Игри, се повлече од натпреварувањето поради настинка.

 

ИЗДВОЕНИ