Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за извршување на платните услуги. НЛБ Банка е во подготовка на измена на тарифата на услуги во домашниот платен промет, во насока на намалување на провизиите, а некаде и целосно укинување на одредени провизии. НЛБ е првата банка која веќе постави нова структура со намалени надоместоци и за меѓународните плаќања преку СЕПА. Поконкретно, за кредитните трансфери преку дигиталните канали за физички лица, НЛБ Банка ќе понуди цени почнувајќи од 1 евро за најниските рангови, односно 5 евра за најголемиот број кредитни трансфери, додека за приливите продолжува со цена од 0,16 евра за најниските рангови и 3 евра за најголемиот број приливни трансакции.
Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за извршување на платните услуги. Оваа позитивна најава следува по интензивниот дијалог што го води Народната банка со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и до подостапни услуги.
Како дел од заложбите за зголемување на ефикасноста во платниот промет, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, објаснува дека централната банка неодамна направила важна промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС. Тој вели дека со воведувањето нови правила и со намалувањето на трошоците за користење на овој систем, банките ќе остваруваат значителни заштеди.
– Нашата интервенција во МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците, нешто што веќе го гледаме како резултат – смета гувернерот Славески.
Тој посочи дека Народната банка, иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и дејствува и како партнер, со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.
– Разговараме со банките да одиме чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите туку и на банките, кои, преку вакви потези, ги зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста – потенцира Славески.
НЛБ Банка, согласно со препораките и сигналите штo доаѓаат од Народната банка, е во подготовка на измена на тарифата на услуги во домашниот платен промет, во насока на намалување на провизиите, а некаде и целосно укинување на одредени провизии.
– НЛБ е и првата банка што веќе постави нова структура со намалени надоместоци за меѓународните плаќања преку СЕПА. Новите надоместоци за плаќања и приливи во евра во СЕПА, кои стапуваат на сила од 6 октомври годинава, се повеќекратно намалени и за граѓаните и за компаниите. Ставен е фокус на тарифите кај електронските плаќања, сè со цел да се стимулира дигиталната трансформација – велат од НЛБ Банка за весникот ВЕЧЕР.
Поконкретно, за кредитните трансфери преку дигиталните канали за физички лица, НЛБ Банка ќе понуди цени почнувајќи од 1 евро за најниските рангови, односно 5 евра за најголемиот број кредитни трансфери, додека за приливите продолжува со цена од 0,16 евра за најниските рангови и 3 евра за најголемиот број приливни трансакции.
Истовремено, за компаниите, Банката ќе понуди до седум пати намалени просечни тарифни провизии за плаќањата во СЕПА. Примателите на странски плати и пензии во НЛБ Банка продолжуваат да ги реализираат приливите по овие основи без провизија. Повластените провизии за плаќањата на физичките лица и на компаниите меѓу банките во рамките на НЛБ Групацијата остануваат непроменети.
– Новата структура на надоместоци во домашниот и во меѓународниот платен промет, пред сè, ќе значи големи заштеди за граѓаните и за компаниите. Истовремено, претставува уште еден придонес на Банката кон одржливост на економскиот раст, обезбедување едноставен и прифатлив пристап до платежните услуги за граѓаните и за компаниите и е дополнителен чекор во справувањето со сивата економија – нагласуваат од НЛБ Банка.
Од Народната банка потенцираат дека и натаму ќе ги поттикнуваат конкуренцијата и модернизацијата на платниот промет, а со либерализацијата на пазарот се очекува уште поголем притисок за намалување на трошоците за граѓаните и за деловната заедница.
– Позитивните сигнали што веќе ги добиваме се резултат на нашиот пристап заснован на аргументи и партнерски дијалог со банкарскиот сектор. Очекуваме дека наскоро и другите банки ќе ги следат овие примери – додава гувернерот Славески.
(С. Бл.)