Од 1 декември се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Ова е предвидено со одлуката за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, која ја усвои Извршниот одбор на Народната банка.

Гувернерот Трајко Славески појасни дека, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект што не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.

– За сите лица со нерешено станбено прашање, кои навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека ќе бидат тоа претежно млади лица и млади брачни двојки, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10 % од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите други случаи, се зголемува минималното сопствено учество од постојните 15 % на 25 % од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, кои изнесуваат 55 % за изложеноста во денари и 50 % за изложеноста со валутна компонента. За сите други баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50 % за изложеноста во денари и 45 % за изложеноста со валутна компонента – објасни Славески.

Лицата што немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат и соодветни механизми за проверка и следење, кои се детално образложени во одлуката.

– Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нè заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не ги погодиме оние лица што имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити во однос на другите корисници на кредити – посочи гувернерот Славески.

Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот, истакна Славески.

Народната банка очекува стапка на инфлација пониска од три проценти

Народната банка останува на очекувањата дека ќе продолжи трендот на намалување на стапката на инфлација и дека во наредниот период таа ќе биде пониска од три отсто, а на среден рок дека ќе се вратиме на нивото од два процента.

– Нашите очекувања се дека ќе продолжи трендот на намалување на стапката на инфлација. Секако, тоа не зависи само од инструментите на Народната банка туку и од фискалната политика, која, сега-засега, на некој начин е во рамките на стабилизирање на инфлацијата. Очекуваме и посакуваме во наредниот период стапка на инфлација пониска од три отсто, а на среден рок, во период од две години, да се вратиме на историските нивоа што ги имавме, односно стапка на инфлација од околу два процента, како во еврозоната – изјави гувернерот Трајко Славески.

Државниот завод за статистика измери дека стапката на инфлација во август забележала месечна промена од минимални 0,2 % и дека зголемувањето на годишно ниво е 4,4 %.

ИЗДВОЕНИ