Правосилно осудени лица за педофилија и други најразлични видови сексуално насилство врз децата редовно ќе се објавуваат во постојниот Регистар на осудени лица. Проблемот со необјавувањето на нивните идентитети, кој трае веќе повеќе од една година, почна да се надминува денеска, откако во две собраниски комисии се прифатија предложените измени во Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија. Изгласаните измени се проследени до пратениците кои наскоро, на пленарна седница, треба да ги прифатат промените со цел тие дефинитивно да стапат во сила.
– Овие промени се важни за да има постојано ажурирање на лицата осудени за вакви тешки кривични дела. Се воведува редовна годишна проверка на заведените лица и се зголемува заштита на децата. Ризикот од сексуалното насилство врз децата е постојан, и како општество, сите треба да преземеме сите мерки. Со ова, Регистарот ќе биде жив и функционален, а граѓаните ќе можат да видат кој сè е осуден за педофилија – беше кажано на денешната седница на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
На нефункционирањето на Регистарот на педофили се алармираше неодамна, откако во јавноста излегоа поразителни сознанија за голем број случаи сексуално насилство врз децата. Само минатата година, во Регистарот се објавени 15 имиња на педофили кои биле осудени во 2024 година за да знае јавноста кои се, каде живеат и слично. Весникот ВЕЧЕР, минатата недела, објави дека во текот на целата 2025 година во земјава имало 121 случај на кривични дела против половата слобода и половиот морал врз децата – силувања, полови напади, обљуби, задоволување на полови страсти пред дете, производство и дистрибуција на детска порнографија… Такви кривични дела биле извршени врз вкупно 96 деца, стари до 17 години, кои биле жртви на најразлично сексуално насилство. Најголем дел од жртвите биле девојчиња – 88, додека машки деца биле 8. Од 2020 до 2024 година во Македонија се пријавени 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување врз деца. Практично, секоја година има по околу 127 случаи, односно, секој трет ден во земјава се случува сексуалното насилство врз децата.
Проблемот со недополнувањето на Регистарот на педофили се појави откако кон крајот на 2023 година се направија измени во Кривичниот законик врзани и за ова кривично дело. Со измените, беше воведено ново дело „Силување на дете кое не наполнило 15 години“, чиј назив претходно беше „Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“. Со тоа, старосната граница за „дете“ е зголемена за една година, и со што се прошири кругот на лица осудени во вакви кривични дела. Од друга страна, ако порано за обљуба или за друго полово дејство врз малолетник кој не наполнил 14 години се казнуваше со казна затвор од најмалку 12 години, сега минималната казна е 8 години. Ваквото намалување на казната е направено поради одредени групи граѓани кои тешко се одрекуваат од својата традиција да склучуваат брак со малолетни лица.
Но, ваквите промени не можеа да се преточат и во Законот за Посебен регистар на лица осудени за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија поради блокадата на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Познато е, таа е без претседател по случувањата околу предложениот „закон за бранители“. Сега, откако надлежното Министерство побара од собранискиот спикер, Африм Гаши, да се одржи седница со друг претседавач, се најде излез од блокадата. (Б. Ѓ.)
Меѓаши: Проблемот излегува на површина
Од детската амбасада „Меѓаши“, за весникот ВЕЧЕР соопштија дека зголемениот број кривични дела покажува дека сексуалната злоупотреба на деца е сериозен и континуиран општествен проблем.
–Зголемениот број регистрирани случаи на сексуална злоупотреба на деца не значи дека наеднаш има „повеќе злосторници“, туку дека проблемот што долго постоел во сенка, полека, излегува на површина. Овие дела, со децении, се случувале зад затворени врати, односно, во семејства, во соседства, во институции, каде што детето било најслабата алка и најмалку заштитено. За спротивставувањето на педофилијата не е доволна само јавна осуда или реакција од страна на државните институции, туку е неопходен сеопфатен и координиран пристап на сите релевантни чинители. Континуираната едукација на децата, на родителите и на наставниците за препознавање на ризичното однесување и на механизмите за заштита е од суштинско значење – изјавија од „Меѓаши“.












