Познатите тенисери сè почесто добиваат брутални коментари и пораки од обожавателите во светот, кои се незадоволни од исходот на мечот. Овој пат на такво нешто се пожали британската тенисерка Кејти Болтер, која откри дека добила ужасни закани во текот на годинашниот Ролан Гарос.
Во интервју за Би-би-си, 27-годишната Британка, која моментално е рангирана на 39. место на ВТА ранг-листата, откри дека во текот на мечот со Карол Моне почнала да добива ужасни закани. Иако славеше на крајот со резултат 6:7, 6:1, 6:1, морничавите пораки следувале како на лента. Таа се соочила со лавина навреди и закани откако го загуби првиот сет во тај-брејкот.
„Се надевам дека ќе добиеш рак!“, гласеше една порака. Во втората, преполна со пцости, тие споменаа ковчег и свеќи за целото семејство. Третата беше: „Оди по ѓаволите, поради тебе, ги загубив парите што ми ги прати мајка ми“.
Таа истакнува дека ваквата навредлива содржина станала „норма“ и се плаши од влијанието што може да го има врз помладите играчи.
- Никогаш не би му кажала такво нешто на мојот најголем непријател. Тоа е ужасно – беше шокирана Кеjти.
Додека размислува за пораките што ги добива, таа вели дека е тешко да се направи разлика меѓу оние што претставуваат реален ризик.
- Тој мисли дека тоа покажува дека сме ранливи. Навистина не знаете дали таа личност е таму некаде, на самото место. Дали е во близина, дали знае каде живеете или нешто слично – потенцира Болтер.
Британката смета дека добива најмногу закани од луѓе што се обложуваат на нејзините натпревари, со оглед на тоа што добива слични пораки и по победите и по поразите.