Општина Битола договори со јавните градски претпријатија и со ТППЕ Битола да се направи план со активности за унапредување на хигиената во градот. Согласно со договореното, започна организирана акција за миење на улиците, со која ќе раководи ЈП „Комуналец“. Од ЈП „Паркинзи“ укажаа на зголемениот талог од издувните гасови на сообраќајниците.
Акцијата се спроведува на поголемите сообраќајници, со вклучување на три возила, со што миењето на улиците се врши секоја вечер, а според потребите, дополнително ќе се вклучуваат и ТППЕ Битола и РЕК „Битола“ со сопствени ресурси.
ТППЕ Битола викендов го изми новиот пазар, додека секои вторник и петок, по завршување на пазарните денови, ќе се врши миење на двата пазара во градот, во соработка меѓу ТППЕ Битола и со ЈП „Пазари“.
Со овој план се преземаат дополнителни мерки за подигање на нивото на хигиената во Битола, особено во летниот период, кога е зголемена потребата од вакви активности.