Цената на златото урива рекорди, моментално достигнува 4.193 долари за унца, но прогнозите на познавачите на состојбите велат дека цената на златото би можела да порасне до 10.000 долари за унца, бидејќи ја враќа популарноста како безбедно засолниште во услови на инфлација и глобални тензии. А злато купуваат сите, од граѓани до централни банки. Златна треска ја тресе и Македонија. Од златарниците велат дека се купува сè, накит, златни плочки и монети, а трговците со овој метал се жалат дека не може да увезат злато, затоа што го нема доволно на традиционалните пазари.

Криптовалутата, која се нарекува и дигитално злато и заштита од пазарни потреси, исто така го достигна плафонот, но по петокот имаше вртоглав пад предизвикан од растечките трговски тензии помеѓу САД и Кина, што доведе до масовна распродажба на поголемиот дел од водечките токени. Пазарот закрепнува бавно, но ако не успее трговската дипломатија и дојде до нова ескалација на царините на 1 ноември, аналитичарите предупредуваат дека пазарите би можеле да се соочат со уште потежок удар. Но, доколку се постигне стабилизирање на односите, можни се нов раст и нов врв на биткоинот во наредниот период

Геополитичката несигурност, нестабилните валути и стравот од нова економска криза предизвикуваат купување злато и златен накит, како чувари на вредноста. Медиумите во светот секојдневно објавуваат за рекордни цени на златото, кое оваа година нагло поскапи, бидејќи војната во Украина и економските политики на претседателот на САД, Доналд Трамп, околу царините ги натераа инвеститорите и централните банки да бараат засолниште во побезбедни средства, како што се златото и среброто.

Тоа предизвика и кај нас, во Македонија, како и во опкружувањето и во светот, да завладее златна треска. Се купува буквално сè – од златен и сребрен накит до монети и златни прачки, што веќе предизвикува ограничена понуда на овие два скапоцени метала. Цените на среброто во Лондон скокнаа за 70 проценти од почетокот на годинава, додека цените на златото пораснаа за околу 55 проценти, до средината на октомври.

Златна треска

Златарската улица во Старата скопска чаршија е местото каде што најчесто навраќаат граѓаните ако имаат потреба од купување златен накит. Мноштво дуќани пред чии излози застануваат граѓани забележавме деновиве. Едни од нив што ги прашавме ни рекоа дека високите цени ги одвраќаат да си купат нешто за себе, а други велат дека го одврзуваат ќесето затоа што треба да подарат нешто златно, со повод.

– Два пати размислив што да ѝ подариме на внуката што ни се роди. Македонска традиција е да се подари златник, ама со оглед дека златото стана скапо како злато (се смее), јас и бабата одлучивме да ѝ купиме алка – ни рече еден пензионер, додавајќи дека златниот накит, со оглед на цената, станува недостижен луксуз.

На светските берзи, златото порасна за повеќе од 1 % само за еден ден, достигнувајќи рекорд од 4.193 долари за унца. Прашавме во една од златарниците колку чини грам злато кај нас. Продавачот ни кажа дека моменталната цена на 14-каратното злато е околу 70 евра и тој очекува дека цената ќе оди нагоре.

– Продажбата, барем кај мене, опадна. Луѓето немаат пари, купуваат само оние што имаат и што мораат. Еден господин влезе во дуќан и разгледуваше накит. Го прашав дали може да му помогнам околу изборот. Тој се насмевна и ми рече: „А бе, човек, и швалерките се ‘искурназија’. Ако порано можеше да се помине со скап парфем, кожен паричник или, пак, со чанта, сега бараат само злато“. Двајцата се изнасмеавме – ни рече златарот.

Продавачките во златарниците „Рубин“ во Градскиот трговски центар, пак, ни рекоа дека побарувачката е огромна. Велат дека како што цената на златото урива рекорди така тие секојдневно ги менуваат цените на златниот накит.

– Има голема побарувачка на златен накит, се купува буквално сè – прстени, приврзоци, синџирчиња, а особено барани се златните монети. Купуваат оние што имаат пари. Македонска традиција е да се купува и подарува златен накит за невестата, за зетот, алтанчиња за бебињата, за децата – ни рекоа продавачките во „Рубин“.

Трговците со злато во земјава, исто така, посочуваат дека има голема побарувачка на злато. Марјан Рангелов од „Инвест метал“ вели дека побарувачката е поголема отколку што може да се увезе.

– Телефоните постојано ни ѕвонат, се бара да се купи злато, но им кажуваме дека не можеме да им обезбедиме. Моментално бараат мали инвеститори, по 2-3 грама, тоа се, пред сè, баби и дедовци за своите внуци и родители за своите деца. Но, има и големи инвеститори, кои бараат да купат и по десет плочки од по 100 грама. Набавките на злато обично ги правиме од Швајцарија, но ни рекоа дека не може да ни одговорат за таа количина што ја бараме. А и ние, трговците, имаме проблем со обезбедувањето средства за купување злато. Банките не сакаат да нè финансираат, затоа што граѓаните ги повлекуваат депозитите и потоа купуваат злато со нив – вели Рангелов и посочува дека има златна треска и во Бугарија, а иста е ситуацијата и во Србија, Словенија и во Хрватска.

Додека на Запад луѓето ги инвестираат своите пари во фондови, кај нас доминира купувањето физичко злато – златен накит, плочки или монети. Луѓето кај нас се чувствуваат посигурно кога може физички да го поседуваат своето богатство, затоа што златото е „вистинска“ вредност што не зависи од некоја влада или банка.

– Потребата од инвестирање во злато секогаш се врти околу фактот дека златото секогаш е добар показател за вреднување на вашето богатство или имот, со генерации наназад. На пример, доколку во 1970 година сте одлучиле да купите злато за 1.000 долари (прилично голема сума за тоа време), тоа злато денес ќе ја преслика вашата тогашна финансиска состојба, односно сега тоа злато ќе вреди над 50.000 долари. Ако сте штеделе само пари, сега повторно ќе имавте само 1.000 долари – вели експертот Дарко Крстески.

Според м-р Андреј Пулејков, извршен директор во КБ Инвест АД Скопје, причината за растот изминатиот период генерално се поврзува со зголемената побарувачка од страна на централните банки.

– Како резултат на геополитичките тензии, централните банки (а особено БРИКС-земјите) постепено го намалуваа нивото на девизни резерви деноминирани во американски долари за сметка на поголема диверзификација во благородни метали и други светски валути. Според некои податоци, во овој момент, кај централните банки номиналниот износ на резерви што се чуваат во злато е поголем од номиналниот износ на резерви во американски државни обврзници. Дополнително, според објавените податоците за првата половина од 2025 година, е забележан прилив на средства од ЕТФ-фондовите покриени со физичко злато (кој е зголемен за дополнителни 400 тони или вкупно изнесува 3.615,9 метрички тони) – вели Пулејков за весникот ВЕЧЕР.

Тој очекува зголемената побарувачка да има дополнителен позитивен импулс за цената на златото, кое се очекува да достигне 5.000 американски долари за една унца до крајот на 2026 година.

– Цената на златото е тесно поврзана со неизвесноста околу економските и политичките текови во светот и се очекува да продолжи до крајот на годинава, како резултат на неколку причини. Прво, тоа се трговската политика и нејзините импликации врз глобалните економски текови. Второ, проблемите во финансискиот сектор, нивото на јавен долг и огромните буџетски дефицити. Трето, геополитичките тензии во светот, кои не стивнуваат (војната во Украина сè уште трае и покрај напорите да се поттикнат двете страни на дијалог, тензиите помеѓу Кина и Тајван и тензиите на Блискиот Исток) – нагласува Пулејков.

Извршниот директор на „Џи пи Морган“, Џејми Дајмон, оди уште погоре во прогнозите. Тој смета дека цената на златото би можела да порасне до 10.000 долари за унца, бидејќи ја враќа популарноста, како безбедно засолниште во услови на инфлација и на глобални тензии. Според него, глобалната економија се соочува со повеќекратни пречки, вклучувајќи ги американските царини, растечките дефицити, инфлацијата, преминот кон вештачка интелигенција и геополитичките тензии како што е ремилитаризацијата, што ги поттикнува инвеститорите да се свртат кон златото за да ги намалат ризиците.

Основачот на хеџ-фондот „Цитадел“, Кен Грифин, неодамна забележа дека инвеститорите сè повеќе го сметаат златото за побезбедно од американскиот долар, кој долго време се сметаше за глобален резервен имот.

Централните банки на Кина и на Турција ги зголемуваат своите златни резерви за да се заштитат од нестабилноста на доларот. Според податоците на Народната банка на Македонија, на крајот од септември 2025 година, вкупните девизни резерви изнесувале 4.722,7 милиони евра, од кои 15,2 % се во монетарно злато.

Круптовалутата – дигитално злато

Криптовалутата, некогаш претставувана како дигитално злато и заштита од пазарни потреси, во петокот изутрина по сингапурско време, се стабилизира на околу 109.000 долари, според податоците на „Блумберг“, по што падна заедно со светските акции и кредитните пазари.

Биткоинот на 6 октомври достигна рекорд од 126.251 долар, но само неколку дена подоцна, бран на ликвидации, предизвикан од растечките трговски тензии помеѓу САД и Кина, доведе до масовна распродажба на поголемиот дел од водечките токени. Пазарот закрепнува бавно, иако водечките компании како „Кракен“ (Kraken), „Сркл“ (Circle), „Битго“ (BitGo) и „Рипл“ (Ripple) сè повеќе влегуваат во регулираните финансиски текови, барајќи банкарски лиценци, платежни мрежи и картични производи.

Во вторникот, биткоинот забележа пад од 5 %, но делумно закрепна откако претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, најави можност за ново намалување на каматните стапки. Сепак, неизвесноста околу новите царински мерки и ограничувањата за критичните минерали повторно ги замрзна инвеститорите. Како што беше посочено, дел од падот е резултат на преголемото користење заемски средства од страна на инвеститорите, кои се обидоа да профитираат од растот. Паничното продавање и присилните ликвидации дополнително го продлабочија падот.

Ако не успее трговската дипломатија и дојде до нова ескалација на царините на 1 ноември, аналитичарите предупредуваат дека пазарите би можеле да се соочат со уште потежок удар. Но, доколку се постигне стабилизирање на односите, можни се нов раст и нов врв на биткоинот во наредниот период.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ