Екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта” деновиве активно вршат залевање на пукнатините во асфалтната површина на булеварот „Партизански одреди“.
– Залевањето на пукнатини претставува санациона мерка со која се спречува навлегување на вода, нечистотии и замрзнување во коловозната конструкција, со цел продолжување на нејзиниот работен век. Со оваа постапка се обезбедува водоотпорно, еластично и трајно затворање на пукнатините со ширина од 3 до 25 милиметри, што значително ја намалува можноста за понатамошно оштетување на коловозот – објаснуваат од претпријатието.
Оттаму информираат дека нивните екипи изминатиот период машински ги залевале пукнатините на коловозните површини на улицата „Френклин Рузвелт“ и на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, а ќе продолжат и во наредниот период да ги санираат сите коловозни површини на градските улици и булевари, каде што има пукнатини во асфалтот.