Граѓаните се жалат дека цените на прехранбените производи, особено на оние млечните, се многу високи. Исто така, речиси секојдневно растат и цените на земјоделските производи по пазарите. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се изготвуваат мерки за цените на прехранбените производи и дека се поведени и одредени постапки од инспекциските служби.
– Мерките се во тек, а тоа што не правиме естрада од политиките што ги водиме не значи дека не се грижиме. Секојдневно екипи на Државниот пазарен инспекторат и на Комисијата за заштита од конкуренцијата се на терен, дури има одредени постапки што се почнати и поведени. Имавме акција и за ученичката кошница. Очекувам намалување на инфлацијата во наредниот период. Ако ја споредите со дел од земјите на ЕУ, кај нас има тренд на намалување. И базичната инфлација, но и цените на прехранбените производи имаат негативен параметар, тоа значи дека се намалуваат – истакна Мицкоски и посочи дека за следната година се очекува инфлација од два до три проценти.
Разни експерти во последниов период го лоцираа проблемот со високите цени на земјоделските производи, главно, во преголемите маржи на прекупците и на трговците, кои во континуитет вештачки ја зголемуваат цената на храната. Во врска со ова, Мицкоски истакна дека Владата презела мерки за ограничување на трговските маржи.
Премиерот смета дека е потребно изготвување на т.н. унифицирана потрошувачка кошница, која рече дека ќе одговара на потребите на граѓаните и ќе даде вистински одговор на сите дилеми што се појавуваат поради сомневањето за одредена субјективност на едната или на другата страна.
– Треба да се пресметаат посебни потрошувачки кошнички: за самец, за млада брачна двојка, за тричлено и четиричлено семејство и за пензионери, зашто трошоците на овие категории граѓани не се исти и не треба еднакво да се третираат. Не може една кошница да се третира како генерална минимална потрошувачка кошница. Кога би ги имале сите овие параметри, мислам дека ќе можеме да носиме поквалитетни одлуки – рече Мицкоски.
Синдикалната кошница во септември изнесува 65.077 денари и е полесна за 430 денари
Синдикалната минимална кошница за септември изнесува 65.077 денари, што е намалување од 430 денари во однос на август, кога на едно четиричлено семејство му беа потребни минимум 65.507 денари.
Ова е мало намалување на трошоците за живот што ги мери Синдикатот според основните потреби на работниците. Така, за храна и за пијалаци, едно семејство треба да издвои 23.394 денари или 35,9 %; за облека и за обувки му се потребни 5.725 денари или 8,8 %; за станарина, вода, електрична енергија и за греење 6.096 денари или 9,4 %; за лична хигиена и за одржување на хигиената во домот 2.636 денари или 4 %; за транспорт 4.716 денари или 7,2 %; за комуникации 3.417 денари или 5,3 %; за здравје 1.174 денари или 1,8 %.
На едно четиричлено семејство, во септември, за образование му биле потребни 7.097 денари или 10,9 %; за рекреација и култура 5.592 денари или 8,6 %; за ресторани и хотели 4.131 денар или 6,3 % и за други стоки и услуги – 1.100 денари или 1,7 %. Доколку живее под кирија, на семејството му се потребни дополнителни 21.471 денар.