Граѓани на Скопје реагираат дека вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ не внимаваат на новоникнатите дрвца и ги косат заедно со високата трева.
И потоа зошто имаме толку малку дрвја во Скопје? И како ќе имаме кога се косат новоникнатите дрвца како да се трева?
-Минатата недела им пишав во ЈП „Паркови и зеленило“ дека среде неискосената трева на кејот има поголем број веќе прилично пораснати фиданки. Па да не ги искосат и нив кога ќе ја косат тревата. Ја прифатија сугестијата и по првото косење оставија неколку фиданки. Кога, само по една недела, некој нивни ревносен работник, за кого само „нуларицата“ е прифатлива, зел искосил две од вкупно петте дрвја што не беа искосени при косењето минатата недела. На првата слика, оревот по првото косење. На втората слика, оревот (или она што останало од него) по само една недела – вели скопјанец.
Од невладината организација „Зелена народна стража“ велат дека некомпетентни лица, со или без надзор, кастрат и сечат дрвја.
– Иако ставот на ЈП „Паркови и зеленило“ е дека нивниот кадар е доволно стручен за кастрење и косење на зелените површини, очигледно е спротивно. Оние што се малку посвесни, лесно ќе забележат дека, освен сечењето млади здрави дрвца, при кастрењето во градот се уништуваат и цели крошни, а најголем дел од тие дрвја не ја дочекуваат наредната сезона – умираат поради некомпетентноста и немарноста на надлежните. Главната работа: грижата и следењето на зеленилото во градот е сведена на механичко кастрење, сечење и уништување на она што е останато – констатираат од „Зелена народна стража“.
Претходно, и од „02 Иницијатива“ реагираа за уништените дрвја во зелениот појас на булеварот „Партизански одреди“ (пред улицата „Рузвелтова“), при минатогодишното кастрење од ЈП „Паркови и зеленило“. При тоа кастрење, како што истакнаа, е уништен целиот дрворед од јапонски цреши, со преубави цветни крошни напролет. При тоа, побараа од директорот Сефи Шабани да утврди кој е одговорен за ваквото уништување на дрвјата и лицето да биде санкционирано, а воедно, уништените дрвја да се заменат со нови. Потенцираа дека вакво нестручно сечење гранки и цели крошни има на многу места во градов.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека се максимално ангажирани на терен, со сите расположливи ресурси и вршат интензивни активности за уредување на вегетацијата на кејот на реката Вардар.
Што се однесува до барањето на граѓанинот и неговата сугестија упатена до претпријатието, да не се сечат новоникнатите дрвја, од „Паркови и зеленило“ нагласуваат дека било пренесено тоа до надлежните служби.
– При активностите од нашите теренски екипи, искосен е дивоникнат орев, поради тоа што на површините на косините не е дозволено да расте родно дрво, односно површините на косините треба да бидат чисти за слободен проток на вода. Другите дрвја се оставени – објаснуваат од претпријатието, нагласувајќи дека продолжуваат и понатаму посветено и редовно да ги одржуваат јавните зелени површини во градот, во полза на посетителите и за целите на рекреација на граѓаните на кејот на Вардар.
(А. П.)