Собранието, денеска, ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и Беким Сали за министер за евроинтеграции. Хоџа беше избран со гласови на 71 пратеник, а Сали со 70, при што немаше „воздржани“ или гласови „против“. Претходно, пратениците го разрешија Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања.
Премиерот Христијан Мицкоски, образложувајќи ги предлозите, рече дека тоа е со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучни ресори од извршната власт. За Хоџа рече дека кандидатот располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, дека е со ангажмани во повеќе институции со раководни позиции кои подразбираат одговорност, координација и работа во сложена административна и институционална средина.
– Неговото досегашно професионално искуство обезбедува познавање на процедурите, меѓуинституционална соработка и потребата од усогласување на различни јавни политики. Министерството за животна средина и просторно планирање, има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, националното користење на просторот и заштитата на животната средина. За овој ресор е потребен пристап кој ќе се темели на законитост, институционална стабилност и континуитет во работењето, што сметам дека кандидатот може да го обезбеди, рече Мицкоски.
За Беким Сали, кој во претходната Влада еден период беше министер за здравство, рече дека имал претходно искуство.
– Ова искуство е особено значајно за Министерството за европски прашања, кое има координативна улога во процесите поврзани со европската интеграција и со реформските обврски на државата. Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите и следење на обврските што произлегуваат од националните и од европските документи. Очекувањето е дека кандидатот ќе придонесе кон поефикасна координација и кон институционален пристап во овие процеси, рече премиерот Мицкоски.
За работата на Сали и на Хоџа зборуваа нивните партиски колешки, Имерлие Фетаи Салиу и Саранда Имери Стафани, а поддршка за нив искажа и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Халил Снопче од АА рече дека се поставува прашањето зошто Муртезани се разрешува, а не си поднесе оставка, ако има договор.
– Ова е порака од Муртезани дека ова не е негов неуспех, туку на Владата – рече Снопче
Според пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ, неспособните министри остануваат во Владата.
–Ова е политички театар за да се скријат неуспесите во евроинтеграциите. Владата не спроведува реформи и има економски неуспеси, цените растат, а платите не се зголемуваат – нагласи таа.
Изборот на новите членови на Владата дојде по локалните избори одржани во октомври, откако Изет Меџити стапи на градоначалничката функција во Општина Чаир, кој ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.












