Општина Карпош ја дава на користење малата сала во спортската сала „Партизан“, односно „Наум Наумовски Борче“, за што Советот на Општина Карпош даде согласност. За таа цел веќе е распишан јавен повик според кој корисникот ќе може да го користи објектот, во точно утврдените (бараните) термини и само за извршување на дејностите за кои што е наменет објектот (боречки спортови, пилатес, аеробик, јога, хип-хоп, модерни танци, фолклор и други активности соодветни на објектот).
Термините за користење се распоредени од понеделник до сабота, со почеток од 08.00 часот до 23.00 часот и се користи по 75 минути. Недела и државни празници се неработни денови.
Висината на надоместокот за користење во времетраење од 75 минути од 8:00-9:15 часот е 1.300 денари, од 09:15 до 10:30 часот, исто така 1.300 денари, како и од 10:30 до 11:45 часот. Веќе од 11.45 до 13.00 часот, надоместокот изнесува 1.500 денари, исто колку и од 13:00 до 14:15 часот и од 14:45 до 15:30 часот. Во периодот од 15:30 до 16:45 часот, надоместокот е 2.000 денари, исто колку и од 16:45 до 18:00 часот, како и од 18.00 до 19:15 часот. Од 19:15 до 20:30 часот, надоместокот е 2.400 денари, исто толку и од 20:30 до 21:45 часот и од 21:45 до 23:00 часот.
Термините се доделуваат во времетраење од една година, од денот на потпишување на договорот за користење. На јавниот повик ќе може да учествуваат сите заинтересирани спортски клубови регистрирани со седиште на подрачјето на Oпштина Карпош, физички и правни лица од Oпштина Карпош, а приоритет ќе имаат спортски клубови регистрирани на територија на Општина Карпош и жители на Општина Карпош.
Јавниот повик ќе биде отворен сè до пополнување на термините.
(А.П.)