понеделник, февруари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се испитува статиката на мостовите на реките Брегалница и Отиња

Се испитува статиката на мостовите на реките Брегалница и Отиња

22

Екипи на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – Скопје ја испитуваат статиката на мостовите на реките Брегалница и Отиња во Штип.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, вели дека се прават детални испитувања на конструкциите на мостовите, со цел да се утврдат нивната стабилност и нивната носивост.

– На територијата на  Штип имаме мостови што се изградени пред педесет години и е потребно соодветно испитување. Веќе имаме склучено јавна набавка со ИЗИИС за испитување на статиката на овие мостови и врз основа на овие испитувања, ќе бидат преземени сите основни чекори, кои, како локална самоуправа, имаме одговорност да ги преземеме. Мерењето треба да заврши на крајот од месецов – вели Јорданов. 

Тој посочува дека Општината побарала од ИЗИИС детално испитување, особено на мостовите на реката Брегалница.

– Водостојот на реката Брегалница се менува и сето тоа влијае на статиката на овие мостови. Јас верувам дека, по анализите и истражувањето, ќе бидат преземени сите мерки. Тоа не значи дека треба да владее паника меѓу населението. Ова го правиме превентивно, како една одговорна локална власт, пред сè мислам на мостовите на реката Брегалница каде што има поголема носивост. Доколку се констатираат одредени проблеми или опасност, ќе бидат преземени соодветни мерки, односно измена на сообраќајниот режим во однос на статиката на мостовите – истакна Јорданов. 

Тој додава дека, по завршувањето на анализите од страна на ИЗИИС, Општината ќе изврши и интервенција на мостовите на реките Брегалница и Отиња. Предвидено е да се постави на нив и ново осветлување, за кое Јорданов вели дека ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе им даде поатрактивен изглед на мостовите.

Инаку, планирана е изградба на два нови моста на реката Брегалница, во близина на бањата „Кежовица“ и меѓу населбите Баби и Балканска. 

 

 

ИЗДВОЕНИ