Општина Делчево започна со реализација на уште еден значаен инфраструктурен проект наменет за младите и за развојот на туризмот. Станува збор за изградба на скејт-парк, кој ќе претставува ново катче за рекреација, спорт и забава за младите, но и дополнителна содржина во туристичката понуда на градот.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, информира дека проектот е воведен во работа за време на викендот и претставува директен одговор на потребите на младата популација.
– Ова претставува уште една понуда спакувана во туристичката приказна на Делчево – рекреација и забава за младите. Вкупната вредност на проектот изнесува 3.029.387 денари, а средствата се обезбедени преку ЕУ ИПА-програмата – изјави Гоцевски.
Овој проект е еден од петте кои се реализираат во рамки на прекуграничната соработка со Општина Благоевград од Република Бугарија. Гоцевски нагласи дека двете општини имаат долгогодишна и успешна соработка во користење на европските фондови.
– Општина Делчево и Општина Благоевград се традиционални партнери во прекуграничната соработка и досега заедно имаме реализирано четири проекти од претпристапната помош од ЕУ ИПА-програмата, а во моментов го реализираме петтиот проект со вкупна вредност од околу еден милион евра европски средства – истакна Гоцевски.
Според него, средствата кои се инвестираат во Делчево се насочени кон реализација на инфраструктурни проекти, што придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во пограничниот регион.












