„Хабитат Македонија“, во рамките на одбележување на јубилејот 20 години од основањето, на градилиштето на седмата зграда во населбата Хабитат во Велес, која е во завршна фаза, организираше Волонтерски ден, посветен на семејствата со ниски приходи. Зградата е на четири ката со 16 стана и е најголема меѓу другите шест згради. Треба да биде вселива до средината на идната година. На Волонтерскиот ден присуствуваше и Африм Гаши, претседател на Собранието, кој се вклучи со својата волонтерска работа, заедно со претставниците на „Хабитат Македонија“ и со високите претставници на Регионалната канцеларија на „Хабитат фор хјуманити интернешенал“ за Европа и за Блискиот Исток. Од „Хабитат Македонија“ најавуваат дека по изградбата на седмата, во оваа хабитат- населба во Велес ќе бидат изградени уште четири згради
„Хабитат Македонија“, која е дел од глобалната мрежа „Хабитат фор хјуманити интернешенал“, во рамките на одбележување на јубилејот 20 години од основањето, на градилиштето на седмата зграда во населбата Хабитат во Велес, која е во завршна фаза, организираше Волонтерски ден, посветен на семејствата со ниски приходи.
Зградата е на четири ката со 16 стана и е најголема меѓу другите шест згради. Треба да биде вселива до средината на идната година.
На Волонтерскиот ден присуствуваше и Африм Гаши, претседател на Собранието, кој се вклучи со својата волонтерска работа, заедно со претставниците на „Хабитат Македонија“ и со високи претставници на Регионалната канцеларија на „Хабитат фор хјуманити интернешенал“ за Европа и за Блискиот Исток, меѓу кои и потпретседателот Еким Огутогулару, делегацијата на „Хабитат фор хјуманити“ (Џастин Лиич од САД и Џан Тимоти од округот Цитрус Каунти- Флорида од САД), членот на Управниот одбор на „Хабитат Македонија“ – Џон Џозеф Трети, кој е почесен член на Управниот одбор, 30-мина волонтери од САД, како и претставници на семејствата партнери и соработници.
– Собранието има едно мото: „Собрание дом за сите“ и „Хабитат фор хјуманити интернешенал“ има свое мото – „Секаде во светот, достоен дом за сите“, така што ни се поклопуваат овие две пораки, секаде каде што луѓето имаат потреба од дом или од покрив над глава, сите ние, како политичари, новинари и граѓани, треба да придонесеме за да го имаат тоа во својот живот. Тука сум за да ги промовирам овие вредности, да помогнам и да кажеме дека како држава и како собрание и јас лично сме тука и секогаш ќе помагаме да се постигнат овие цели – изјави Гаши.
Задоволство што се вклучени во овој Волонтерски ден, по повод 20 години „Хабитат Македонија“, пред медиумите искажаа и високите претставници на „Хабитат фор хјуманити интернешенал“.
– Нашиот 20-годишен јубилеј работно го одбележуваме. По тој повод, имаме гости, кои се придружија на овој настан со волонтерска работа како што и досега, во изминатите 15 години, го правеа волонтерите во Велес. Овој Волонтерски ден денеска воедно е и можност да ни се приклучат и официјални лица и да ги поддржат визијата и целите на „Хабитат фор хјуманити интернешенал“ – рече Зоран Костов, претседател на Управниот одбор на „Хабитат Македонија“.
Првата зграда во хабитат-населбата во Велес почна да се гради во 2008 година, и таа е на два ката со шест стана. Другите шест згради во населбата Хабитат, во новиот дел на Велес, се со два или три ката, со шест или со 12 стана.
Од „Хабитат Македонија“ најавуваат дека по изградбата на седмата зграда, во оваа хабитат-населба во Велес ќе бидат изградени уште четири. Тие се наменети за семејствата со ниски приходи, кои, исто така, со работни волонтерски часови се вклучуваат во изградбата на своите идни домови.