Во последно време се навикнавме на изградба на големи арени и модерни стадиони, од кои некои оставаат без здив со својот изглед, а клубовите сè повеќе се движат кон модернизација на своите објекти.
Сепак, во далечната Јапонија, се подготвува вистинско фудбалско чудо какво што светот никогаш не видел.
Имено, јапонскиот третолигаш и член на J3 лигата, Фукушима Јунајтед, наскоро ќе добие нов фудбалски дом, и тоа не било каков.
Фукушима ќе биде првиот клуб што ќе ги игра своите домашни натпревари на стадион кој ќе биде изграден целосно од дрво.
Трибините, покривот, сè ќе биде направено од дрво, а стадионот ќе се наоѓа во шума во близина на градот.
Јапонското студио Vuild дизајнираше нов дом за ФК Фукушима Јунајтед – целосно дрвен стадион со 5.000 седишта, и тие веднаш се најдоа во центарот на вниманието.
Стадионот е еден од спортските проекти на Фукушима за во иднина, а изградбата ќе обезбеди посебна заштита од зимските ветрови, што ќе го олесни одигрувањето натпревари во зимскиот период.
Стадионот Тохо, со капацитет од 21.000 гледачи, беше дом на Фукушима Јунајтед, но беше градски стадион со повеќе намени. Покрај фудбалските натпревари, чести беа и атлетските натпревари, но, во иднина, Фукушима ќе има уникатен фудбалски дом во светот.
Можеби клубот не е толку познат по своите резултати и достигнувања, но сигурно ќе биде популарен поради својот стадион.
По овој потфат, Јапонците планираат да градат дрвени стадиони во некои други градови. Овој пат дефинитивно поместија многу граници, а ќе видиме дали ќе следиме сличен тренд и во Европа.
Постојат многу стадиони со дрвени трибини, но стадионот во Фукушима ќе биде првиот во светот изграден целосно од дрво, гледајќи го покривот, околната структура, трибините и ВИП ложата.