Се гради првата спортска сала во населбата Припор  

15

Во тек е изградбата на првата училишна спортска сала во населбата Припор. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните работи.

Новиот објект ќе биде сместен во дворот на подрачното основно училиште „Круме Кепески“ и ќе се простира на површина од 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години.

– Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и на младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари – соопштија од Општина Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор.

Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на Општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти.

– Во изминатите четири години беше изградена спортска сала во Пинтија, беше реконструирана салата во ООУ „Невена Георгиева-Дуња”, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу”, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски”, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски”.

Во моментот е подготвена и документацијата за изградба на нова сала во ООУ „Кузман Шапкарев”, а салата „Расадник” темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт – информираа од Општина Кисела Вода.

 

ИЗДВОЕНИ