Се очекува во септември наредната година да биде готов новиот објект на основното училиште „Крсте Петров Мисирков“ во населбата Ченто, проект на кој се чекаше повеќе од шест децении. Увид во градежните активности денеска извршија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
– Триесет нови училници и кабинети ќе им бидат достапни на наставниците и на дечињата на школска возраст од оваа населба, а објектот ќе го користат и многу нови генерации – изјави Стефковски.
Тој додаде дека старите училишни бараки одамна не ги задоволувале ниту стандардите ниту потребите на современото образование.
– Со овој нов објект, правиме крупен чекор кон обезбедување достоинствени услови за учење, воспитување и за растење на децата од Ченто – нагласи Стефковски.
Училишната зграда ќе има приземје и еден кат, ќе биде со површина од 3.128 квадратни метри и со капацитет за 713 ученици.
Министерката Јаневска посочи дека инфраструктурата е еден од основните услови за квалитетен воспитно-образовен процес, покрај наставните програми и учебниците, и за мотивирани наставници за работа.
– Во моментов имаме над 30 активни инфраструктурни инвестиции во вредност од 32 милиони евра. Градиме осум нови училишни објекти, и овој е еден од нив. Реконструираме дваесетина училишта, градиме четири нови спортски сали и темелно се реконструираат два студентски дома во Скопје – информираше Јаневска.
Како што истакна Стефковски, овој проект е битен бидејќи се вложува во образованието – темелот на секое развиено општество, бидејќи секое дете заслужува да учи во безбедни, чисти, функционални и инспиративни простории и бидејќи инвестициите во училиштата се инвестиции во иднината на општеството. Станува збор за инвестиција од речиси три милиони евра.
(А. П.)