Се гледа крајот на обновувањето на спортската сала „Работнички“

93

Повеќе од 65 проценти од градежните активности за реконструкција на спортската сала „Работнички“ се веќе завршени. Во моментов се работи на инсталациите, внатрешната финализација, како и на горните делови од објектот и фасадата.

– Основната бетонска конструкција на гледалиштето е комплетно завршена, а трибините се оформени и поставени се метални потпори за седишта. Следната фаза вклучува поставување кошулица и подно греење, а монтажата на подот е закажана за 20 септември – изјави  градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Тој додаде дека во тек се подготовки за поставување семафори и кошеви, како и поставување вентилациони канали за одвод на чад и дека во долниот дел од салата се изведуваат работи на тоалетите и соблекувалните. Притоа, наведе дека административниот дел, каде што ќе бидат сместени спортските федерации, се финализира, а деведесет проценти од просториите се веќе готови, додека конструкцијата на покривот е целосно завршена, а вградените прозорци овозможуваат природна светлина во просторот.

– Градежните активности одлично напредуваат и веќе се гледа крајот. Федерациите ќе имаат современи услови за работа, КК „Работнички“ ќе се врати во својот дом, а Скопје ќе добие современа спортска сала, како за спортистите, така и за публиката – заклучи Герасимовски.

Реконструкцијата се одвива во две фази, од кои првата е завршена, а сега се реализира финалната втора фаза со која салата ќе добие целосно нов и модерен изглед, усогласен со ФИБА-стандардите.

 

ИЗДВОЕНИ