Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода се доградува за да се обезбедат услови за спроведување на едносменска настава во ова училиште.
– Доградбата предвидува шест нови училници, по две на приземје, на првиот и на вториот кат, со вкупна површина од 390 квадратни метри. Градежните работи се во напредна фаза, а ова е уште една потврда за нашите заложби за системско унапредување на условите за сите ученици. Дополнително, на овој начин, се овозможуваат и долгорочни заштеди во сметките за електрична енергија и другите ресурси, со што значително ќе се намалат трошоците на училиштето – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој смета дека ваквиот пристап треба да стане насока во планирањето и стандард за сите училишта на територија на Скопје.
Вредноста на проектот изнесува 18.731.093 денари, средства што општината ги обезбеди преку првиот повик од Владата за капитални инвестиции наменети за општините.
– Аплициравме и за доградба на ООУ “Невена Георгиева Дуња”, со што целосно ќе се овозможи едносменска настава во сите основни училишта во општина Кисела Вода – изјави Ѓорѓиевски.