
Ерлинг Халанд моментално се смета за еден од најдобрите напаѓачи во светот, а Норвежанецот игра на највисоко ниво со години. Тој сака уште една титула со Манчестер Сити, а новата сезона во Премиер лигата ја отвори со два гола.
Овој 25-годишник пристигна во Манчестер Сити од Борусија Дортмунд во 2022 година за 60 мил. евра, а моменталната вредност се проценува на 100 милиони. Тој веќе одигра 147 натпревари за „граѓаните“, постигна 126 голови и запиша 21 асистенција.
Веќе во првиот натпревар против Вулверхемптон, Халанд веднаш ја истакна својата кандидатура за најдобар стрелец во Премиер лигата во многу жестока конкуренција. Сити може да биде среќен што има таков ѕвер во нападот, а интересно е што во еден момент беше на чекор од – Јувентус.
Федерико Керубини работеше во Јувентус помеѓу 2018 и 2024 година, но од неодамна е во Парма, и токму тој откри дека Јуве го договорил трансферот на Халанд. Како што самиот рече, тие се договориле за сè со Молде и Халанд требаше да пристигне во зима, но ситуацијата брзо се промени.
Керубини постигна договор со поранешниот клуб на Халанд, Молде, но не била договоране формулата за плаќање. После тоа, неколку клубови во Европа почнаа да го следат Халанд, а тој заврши во РБ Салцбург.
„Беше есен 2017 година и баравме централен напаѓач за Примавера. Нашиот скаут, Кровари, ни го привлече вниманието кон ова норвешко момче кое штотуку почнуваше да остава трага во првиот тим на Молде. Се договоривме за цена, но не и за формула за исплата. Го поканивме во Торино“.
„Се вратив во Норвешка во јуни 2018 година, за време на пристигнувањето на КР7 во Јувентус, и 14 дена подоцна тој постигна четири гола во еден натпревар и од тој момент целиот свет го гледаше. Конкуренцијата и цената се зголемија. Сè уште жалам, но во тој момент дадов се од себе“, изјави Керубини.
Во Салцбург, Халанд постигна 29 гола во 27 натпревари, а Борусија Дортмунд подоцна успеа да го доведе, но условот на Норвежанецот беше да има прифатлива ослободителна клаузула, што ќе му овозможеше да се пресели во уште поголем тим.
Откако постигна 86 гола на 89 натпревари за германскиот тим, Манчестер Сити плати 60 милиони евра за да го доведе. Под водство на Пеп Гвардиола, тој постигна 126 гола на 147 натпревари, а сега потпиша договор до 2034 година.
Тој беше поврзуван со Реал (М) и Барселона, но веројатно нема да го видиме Халанд како го напушта Сити во скоро време, бидејќи има многу добар договор и одговара на стилот на тимот, како и на амбициите на клубот, кој сака да ја освојува и Лигата на шампионите и националното првенство секоја сезона.