Темелно се чисти паркот „Македонија“ и околните улици. Општина Кисела Вода, преку Секторот за месна самоуправа, ангажирала околу 30 сезонски работници кои спроведуваат интензивни активности за унапредување на јавната хигиена.
Од Општината информираат дека во фокусот на акцијата е собирањето на паднатите лисја, карактеристични за овој период од годината, како и отстранување на друг отпад од парковските површини.
При тоа, додаваат дека оваа акција е дел од континуираниот пристап на Општината за одржување и унапредување на јавната хигиена, а во наредниот период ќе продолжат слични интервенции и во другите паркови и зелени површини ширум општината, особено на локации со зголемена фреквенција на граѓани.
-Грижата за јавната хигиена и зелените површини е еден од нашите постојани приоритети. Со вакви редовни активности обезбедуваме парковите да останат чисти и уредни – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Таа упати апел до граѓаните за заеднички одговорен однос кон просторот што секојдневно се користи, затоа што како што кажа, само заедно можеме да имаме чиста и уредна Кисела Вода.












