За да се обезбеди проточност на каналската мрежа од почетокот на годината досега, во соработка со АД Водостопанство „Скопско Поле“ биле исчистени околу 23 километри, отворени одводни канали на територија на општина Илинден.
Од Општината информираат дека во изминатиот период било спроведено машинско чистење на Главниот канал, во должина од 2.300 метри, од влезот на обиколницата кон Белви, потоа на Главниот канал од делот со правните субјекти на улица „32“ кон автопатот, железничката пруга и централниот дел на Илинден, во должина од 700 метри, Ободниот канал во населеното место Илинден, во должина од 2.500 метри, од локалната економска зона Стопански комплекс Илинден кон локалната економска зона – Карагач.
-Согласно предвидената динамика во тек е машинско чистење на Сува река во населеното место Миладиновци кое ќе продолжи кон населените места Текија и Дељадровци, во должина од 4.000 метри – соопштија од Општина Илинден.
Оттаму велат дека со редовното одржување на каналската мрежа се овозможува непречен проток на атмосферските води, се спречува настанувањето на поплави и се обезбедува чиста животна средина која е еден од условите за квалитетен живот на населението.











