Се чисти достапното ѓубре на поранешната депонија, презентиран и планот за иселување на диво населените лица

Засега блокадите на „Стоп Вардариште“ ќе запрат, но доколку не се постапува според ветеното тогаш, како што нагласија од граѓанската иницијатива, тие веднаш ќе се вратат на протестите на улица. Од „Стоп за Вардариште“ информираа дека започнало затворање на влезот од страна на железничкиот мост, била поставена камера на влезот од ЈС „Актуел“, а бил обезбедуван и уште еден влез од страна на полицијата. – Очекуваме на седница на Владата да се изгласа планот за хумано иселување и згрижување на диво населените жители. Ќе остане забраната на движење сè до конечна санација и чистење на целата депонија во три фази – образложуваат од „Стоп за Вардариште“

48

Надлежните институции започнаа со исполнување на барањата на граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ по речиси 40 дена блокади кај мостот „Близнаци“ и кај паркот „Авионче“. Од „Стоп за Вардариште“ информираат дека конечно се расчистува поранешната депонија која претставува долготраен проблем на кој укажуваа жителите на двете општини, Аеродром и Гази Баба, кои беа најзасегнати од секојдневното палење отпад кое предизвикува постојано загадување на воздухот. Поради тоа, тие беа принудени и во текот на летото да седат дома со затворени прозорци поради непријатната миризба и печењето на очите.

Засега блокадите на „Стоп Вардариште“ ќе запрат, но доколку не се постапува според ветеното тогаш, како што нагласија од граѓанската иницијатива, тие веднаш ќе се вратат на протестите на улица.

Од „Стоп за Вардариште“ информираа дека започнало затворање на влезот од страна на железничкиот мост, била поставена камера на влезот од ЈС „Актуел“, а бил обезбедуван и уште еден влез од страна на полицијата.

– Очекуваме на седница на Владата да се изгласа планот за хумано иселување и згрижување на диво населените жители. Ќе остане забраната на движење сè до конечна санација и чистење на целата депонија во три фази – образложуваат од „Стоп за Вардариште“.

Оттаму објаснија дека е започнато чистење на достапното ѓубре, потоа во поголем опсег чистење на горниот слој кое ќе следува по изборите, ревидирање на старата физибилити студија и, на крајот, одгаснување и пречистителна станица за водите, како и на конечна санација.

Воедно, продолжува забраната за движење на лицата во тој простор, сè додека трајно не се реши проблемот.

Исто така, од граѓанската иницијатива истакнаа дека од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади им бил презентиран планот за иселување и за згрижување на диво населените лица околу депонијата „Вардариште“ кој ќе трае подолго време.

– Тие ќе бидат населени на повеќе места. Дел од нив ќе бидат вратени во домовите на кои се регистрирани како место на живеење, додека други во згрижувачки капацитети во повеќе општини. Целта е да не се сите на едно место бидејќи таму ќе го има истиов проблем – нагласуваат од „Стоп за Вардариште“.

Била спомената и можноста за изградба на парк на местото на поранешната депонија, но од граѓанската иницијатива не инсистирале на ништо бидејќи, како што наведоа, пред сè им е битно депонијата да се санира.

Тие велат дека нивниот долготраен труд и упорност конечно вродиле со плод.

– Овој процес ни покажа дека граѓаните, кога се обединети, можат да донесат реални промени. Нашата одговорност беше огромна — да останеме независни, без никакво партиско влијание, и да докажеме дека гласот на народот има сила. Често слушавме изговори од граѓани кои не се приклучуваа на протестите – дека протестите се или ќе станат партиски, или дека „ништо не се постигнува со протестирање“. Со својот пример покажавме дека без партиски структури, со чесна намера и истрајност, може да се постигнат резултати и да се промени односот на институциите – наведуваат од „Стоп за Вардариште“.

Тие веруваат дека со тоа отвораат полесен пат за сите идни граѓански иницијативи кои ќе се борат за своите права, за почиста животна средина и за поодговорни институции.

– Со заедничка волја, храброст и упорност, покажавме дека и Вардариште може да стане симбол на промена, а не извор на загадување. Една битка за чист воздух е добиена, но борбата продолжува – децидни се од граѓанската иницијатива.

Оттаму додаваат дека ќе ја поддржат секоја искрена, чесна и непартиска иницијатива што ќе се залага за чист воздух, достоинство и здрава иднина за сите.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ