четврток, февруари 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се чистат плажите на Велешко езеро

Се чистат плажите на Велешко езеро

18

Согласно со планираните активности, во тек е втората фаза за расчистување на брегот на велешкото езеро Младост, на потегот од првата плажа кон бродот „Панини“.

Директорот на јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“, Ване Маневски, информираше дека веќе се исчистени 30 проценти.

Се врши механичко отстранување на сувите наслојки и на трската од крајбрежниот појас на езерото Младост, со соработка меѓу ЈПВ „Лисиче“ – Велес и АД „Водостопанство“ и со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Инаку, активностите се изведуваат со багер за раскопување, сопственост на АД „Водостопанство“.

За реализација на активностите, обезбедена е вкупна финансиска поддршка од 6 милиони денари од Програмата за водостопанство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Работиме на ревитализација на езерото Младост, со цел подобрување на квалитетот на водата и дополнување на акумулацијата со свежа вода – потенцира Маневски.

Тој информира дека со подобрување на временските услови, калта од крајбрежјето на езерото ќе се транспортира на обезбедена локација.

Воедно, најави дека се во тек подготовки за следната фаза за копање бунари околу езерото, за дотур на свежа вода во езерото, за негова ревитализација. Дупките за бунари се планирани во реонот на Отовичка Река.

На крајот од минатата година, во првата фаза, се чистеше од другата страна на езерото, на потегот од крајбрежјето, од отовичка плажа.

 

ИЗДВОЕНИ