Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информира дека оваа недела ќе се одржи состанок со раководството на „Топлификација“ и со експерти за дефинирање на чекорите во процесот на проширување на системот. Како што рече, некои делови од Центар, Кисела Вода и Карпош сè уште не се опфатени со топлификациската мрежа. Меѓу приоритетите на градот се и расчистувањето на поранешната депонија „Вардариште“, која е во фаза на одгасување, како и санацијата на останатите жаришта во Визбегово, Шуто Оризари и покрај Лепенец. Во соработка со општествено одговорни компании, по течението на Вардар ќе бидат поставени и заштитни мрежи за заштита на речното корито

По завршувањето на тридневната акција за чистење на Скопје, градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, најави дека активностите за заштита на животната средина ќе продолжат со засилено темпо, придружени со построга контрола и казни. Тој истакна дека досега се изречени повеќе од 40 казни и дека ќе се продолжи со санкционирање сè додека, како што рече, „целосно не се изолираат девијантните појави“.

Во соработка со општествено одговорни компании, по течението на Вардар ќе бидат поставени заштитни мрежи за заштита на речното корито. Според Ѓорѓиевски, вакви решенија постојат и во други европски градови и не претставуваат пречка за живиот свет. Тој нагласи дека во контролата и во казнувањето треба да се вклучат и централните институции, особено Министерството за животна средина бидејќи, како што рече, „не е доволно да санкционира само Град Скопје“.

Градоначалникот најави дека градежните активности ќе се интензивираат по зимата, додека дотогаш приоритет ќе бидат средувањето на парковите и расчистувањето на дивите депонии.

Во однос на загадувањето на воздухот, тој посочи дека најголем дел од него потекнува од начинот на загревање на домаќинствата и дека ќе се работи на проширување на мрежата за централно греење. Повикувајќи се на физибилити студии, Ѓорѓиевски рече дека сите тие покажуваат оти преку 80 проценти од загадувањето во главниот град се должи на начинот на загревање на домаќинствата. Но, тоа, како што додаде, не значи дека треба да донесат решенија што ќе предизвикаат тешкотии во домаќинствата.

Ѓорѓиевски информира дека оваа недела ќе се одржи состанок со раководството на „Топлификација“ и со експерти за дефинирање на чекорите во процесот на проширување на системот. Како што рече, некои делови од Центар, Кисела Вода и Карпош сè уште не се опфатени со топлификациската мрежа.

Меѓу приоритетите на градот се и расчистувањето на поранешната депонија „Вардариште“, која е во фаза на одгасување, како и санацијата на останатите жаришта во Визбегово, Шуто Оризари и покрај Лепенец.

Девијантните појави од минатото конечно ќе бидат оставени зад нас и никој веќе нема да биде сведок на тие слики рече Ѓорѓиевски.

Во делот на јавниот превоз, тој откри дека од предвидените 200 приватни автобуси во сообраќај се само 40 до 50, додека возниот парк на ЈСП е „десеткуван“, со 160 активни автобуси од потребните 270. Градот, според него, работи на обезбедување средства за подмирување на долгот од околу 3 милиони евра кон приватните превозници и на дефинирање на начинот на исплата.

Ѓорѓиевски најави дека во петок ќе се одржи седница на Советот на Град Скопје на која ќе се разгледува буџетот и очекува дека проектите ќе добијат поддршка.

Советниците не треба да ме гледаат како непријател, ниту јас нив. Само со заедничка работа ќе реализираме повеќе проекти за граѓаните порача градоначалникот.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ