
Францускиот гигант ПСЖ за прв пат ја освои Лигата на шампионите откако во финалето со убедливи 5:0 го декласира италијанскиот калчолигаш Интер.
Покрај тоа, тимот од Париз би можел да биде дом на следниот освојувач на најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет „Златната топка“ на Франс Фудбал.
Новинарите на GOAL постојано го ажурираат рангирањето на фаворитите за освојување на „Златната топка“ оваа сезона, а по финалето на Лигата на шампионите дојдоа до јасен заклучок: Осман Дембеле ќе го добие големиот индивидуален трофеј.
Крилниот напаѓач освои сè што може да се освои со ПСЖ оваа сезона, францускиот Суперкуп, Лига 1, францускиот Куп и Лигата на шампионите, а сезоната што штотуку заврши е убедливо најдобрата во неговата кариера.
Французинот успеа да постигне 35 гола и да има 15 асистенции, а гореспоменатиот извор верува дека тој веќе ја освоил „Златната топка“.
„Златната топка му припаѓа на Осман Дембеле“, гласеше насловот на англискиот портал.
„Сонот на ПСЖ за конечно освојување на Лигата на шампионите стана реалност благодарение на головите на Дембеле против Ливерпул и Арсенал и неговите две асистенции во финалето. Ниту еден друг играч не постигнал повеќе голови во 2025 година, и затоа Дембеле сега може да се смета за освојувач на Златната топка“, се додава во текстот.
Златната топка за 2025 година ќе биде доделена на церемонија што ќе се одржи на 22 септември во Париз.
Дневниот весник ВЕЧЕР е единствениот медиум од Македонија кој со години гласа и е дел од специјалното жири кое одлучува кој фудбалер ќе ја освои „Златната топка“ на Франс Фудбал.